Connect with us

Култура

Објавен конкурсот за најдобра необјавена поетска книга „Караманов 2026“

Центарот за култура „Ацо Караманов“ – Радовиш и Советот на 53. Караманови поетски средби го објавија конкурсот за најдобра необјавена поетска книга и за доделување на наградата „Караманов 2026“, соопштија денеска од оваа културна установа.

Конкурсот е отворен од 25 септември до 10 октомври 2026 година, а право на учество имаат автори од Република Северна Македонија и од другите балкански земји што пишуваат на македонски јазик.

-Поетските ракописи треба да бидат необјавени и да не надминуваат 64 страници, односно четири авторски табаци. Се доставуваат во електронска форма, означени со шифра. Во истата електронска порака, како посебен документ, авторот треба да го приложи разрешувањето на шифрата со своите податоци. Ракописите се испраќаат на електронската адреса на Центарот за култура „Ацо Караманов“ – Радовиш: aco.karamanov@yahoo.com, се наведува во конкурсот.

Наградениот ракопис ќе биде објавен како книга, а на авторот ќе му биде врачено признанието „Караманов 2026“.

Истовремено е објавен и конкурсот за најдобра поетска книга од странски поети – избор поезија од 50 песни на англиски јазик, а книгата ќе се преведе и објави на македонски јазик.