Скопје
Герасимовски: Отстранет небезбеден објект во Маџир Маало, хигиената и здравјето на граѓаните се приоритет
Општина Центар соопштува дека отстранила руиниран и напуштен објект на улицата „Петричка“ во Маџир Маало, кој, како што наведуваат, со години претставувал сериозен ризик за безбедноста и здравјето на граѓаните.
Како што иформираат од локалната самоуправа, по извршената инспекциска проверка е утврдено дека станува збор за објект без сопственик, импровизирана градба која била претворена во дива депонија, легло на глодари и други штетници. Оттаму велат дека објектот е отстранет, а теренот целосно расчистен од шутот и наталожениот отпад.
– Секаде каде што имаме надлежност, ги расчистуваме вакви критични точки. Најчесто станува збор за објекти кои со децении имаат проблем со нерасчистени имотно-правни односи. Ваквите стари и распаднати градби со тек на времето стануваат депонии, места каде се собираат бездомници и животни. Но, секогаш кога законот ни дозволува, постапуваме веднаш и решително, бидејќи безбедноста на граѓаните, хигиената и чистата и здрава животна средина се врвен приоритет – порачал градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, пренесуваат од општината.
Од Општина Центар апелираат до граѓаните да ги пријавуваат ваквите локации, со цел надлежните служби навреме да реагираат и да ги отстранат потенцијалните ризици по безбедноста, здравјето и хигиената.
септември 25, 2026
