Скопје
Општина Чаир: Искроени над 250 дрвја и отстранети околу 100 ризични дрвја во тринеделна акција
Општина Чаир повеќе од три недели спроведува интензивна акција за одржување и унапредување на зеленилото на јавните површини, во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“ и компанијата АДМ-АЛ.
Во рамки на акцијата досега се искроени над 250 дрвја, а отстранети се околу 100 суви и ризични дрвја. Интервенциите се реализираат професионално и согласно условите на теренот, а на локациите каде што е потребен специјализиран пристап се применува и методата „tree climbing“.
Паралелно со кроењето и отстранувањето на дрвјата, се врши собирање и транспорт на гранките, зелениот отпад и останатиот материјал што останува по извршените интервенции.
Од Општина Чаир информираат дека активностите се спроведуваат согласно Законот за урбано зеленило и законските надлежности, при што акцијата нема да биде еднократна, туку ќе продолжи во текот на следната година на сите локации каде што ќе биде утврдена потреба од интервенција.
Целта на акцијата, како што посопчуваат од општината, е подобро одржување на урбаното зеленило, отстранување на дрвјата кои претставуваат опасност и создавање побезбедни, почисти и поуредени јавни површини за граѓаните.
септември 25, 2026
