Кошарка
МЗТ Скопје: Ја почнуваме новата сезона, европски шмек во Аеродром
Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром, новата сезона ќе се бори на три фронта: домашното првенство, Еврокупот и АБА 2 лигата.
Стартот е закажан веќе за в сабота 26 септември), кога сино-белите, како освојувачи на двојната круна, против Куманово на теренот на противникот ќе го бранат трофејот од Суперкупот, кој го освојуваат во изминатите пет години по ред.
Следуваат стартни пресметки на домашен терен на сите три фронта – против Слобода Ужице (АБА 2, 30 септември), повторно против Куманово (2 октомври), овој пат во суперлигашки дуел, и против грчкиот Ираклис (Еврокуп 6 октомври). Овие четири средби во само 11 дена го најавуваат пеколниот НБА-ритам со кој ќе се соочат кошаркарите на македонскиот шампион, кои само до крајот на годината ќе одиграат вкупно 26 средби, односно по еден натпревар на секои 80 часа.
– Ростерот со кој располагаме дефинитивно може да одговори на предизвиците што ќе ги имаме пред нас сезонава. Ритамот е пеколен, но имаме доволен број квалитетни кошаркари кои можат да одговорат на предизвиците. Во секој дуел ќе влеземе со желба за победа, без разлика за кое натпреварување станува збор. Некако настапите во АБА2 и обидот да се вратиме во регионалната елита можеби се наш приоритет, секако, со задржување на домашните трофеи, но тоа не значи дека нема да го оставиме и последниот атом енергија на пресметките во ФИБА Еврокупот. Почнуваме во Куманово, да играме со Куманово за Суперкупот. МЗТ е најдобар кога игра како гостин, а победите на гостувања се одлика на големите екипи, изјави тренерот Васко Атанасов.
МЗТ Скопје во АБА2 е во група со Слобода Ужице, Сутјеска и Триглав Крањ, додека во ФИБА Еврокупот, освен против Ираклис, ќе ги одмери силите и со Џики Варшава, германскиот Вурцбург, АЕЛ Лимасол и естонскиот тим Тарту
септември 24, 2026
