Свет
Турција и Катар потпишаа договор за меѓусебна одбрана
Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган на денешната средба во претседателската палата „Долмабахче“ во Истанбул со емирот на Катар шеик Тамим бин Хамад ал Тани потпишаа пет договори, меѓу кои и за заемна одбрана.
Ердоган истакна дека Договорот за меѓусебна одбрана, потпишан помеѓу двете земји, ќе додаде нова димензија на братските врски помеѓу Анкара и Доха, а Договорот за трговско и економско партнерство, што стапи во сила минатата година, ги доближува двете земји до целта на билатералната трговија.
Тој нагласи дека Турција вложува напори за развој и диверзификација на енергетското партнерство со Катар и оти ќе продолжи да се шири соработката во одбранбената индустрија.
Ердоган посочи дека Анкара и Доха ќе продолжат со заедничките напори за спречување ново избувнување на војна во регионот на Персискиот Залив и ќе се залагаат за дијалог и воспоставување мир.
На средбата се разговараше и за израелските напади врз Појасот Газа и хуманитарната ситуација во регионот, чекорите за нормализирање на ситуацијата во Сирија и најновите случувања во Либија.
ноември 14, 2026

