Општини
Отворено детско катче во КПУ Идризово со поддршка од ЕУ и Советот на Европа
Kазнено-поправната установа Идризово, најголемиот затвор во Северна Македонија, доби посебно детско катче наменето за младите посетители и семејствата на осудените лица. Катчето, кое се наоѓа во просторијата за посети, како безбедна и топла средина која се користи во текот на семејните посети, денеска беше отворено од претставниците на надлежните институции, Делегацијата на Европската Унија, како и на Советот на Европа.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов ја истакна важноста на ова катче во процесот на ресоцијализација, особено што Идризово е единствениот затвор каде казна издржуваат осуденички.

-Вистинските придобивки на оваа донација се далеку поголеми од финансиската вредност, изјави Пандов, благодарејќи ѝ на ЕУ и на Советот на Европа за постојаната поддршка.
Во неговото обраќање, Бен Нупнау, заменик-шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија потсети на последниот извештај на Европската Комисија за Северна Македонија, каде се истакнува постојаната потреба за подобрување на условите во затворите, особено во затворот Идризово, информираат од Канцеларијата на Советот на Европа.

– Подобрувањето на условите во затворите не е само барање во последниот извештај на Европската Комисија – тоа е одговорност на државата кон секое лице кое влегува во овие простории, вклучувајќи ги и децата. Ова ново катче е мал, но значаен чекор кон похуман систем каде се штити достоинството и каде семејните посети се побезбедни и полесно. Се надеваме дека ова ќе поттикне постојани напори за зголемување на стандардите во сите пенитенцијарни установи, изјави Нупнау.
Донче Бошковски, раководител на одделение II, Оддел за соработка на тема полиција и лишување од слобода, Совет на Европа изрази надеж дека со ова детско катче ќе се повтори успехот кој е веќе постигнат во сличните катчиња кои се опремени низ земјата.

-Оваа иницијатива ги одразува заложбите на властите за спроведување на препораките на Комитетот на министрите на Советот на Европа од 2018 година, во врска со потребите на децата чии родители издржуваат казна затвор, рече Бошковски.
Иницијативата се спроведува во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција” односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”, во соработка со Управата за извршување на санкции и КПУ Идризово, кои придонесоа со цртање на ѕидовите и адаптирање на просториите.
ноември 22, 2025

