Општини
Македонците во Пустец го одбележаа празникот на нивниот заштитник Свети Архангел Михаил
Македонците во Пустец, Мала Преспа, заедно со жители од останатите населени места од оваа општина, достојно како и секоја година, го одбележаа денот на нивниот заштитник, Свети Архангел Михаил, кој е и патрон на црквата, која се наоѓа во центарот на Пустец, на плоштадот „Гоце Делчев“.
Одбележувањето почна синоќа со вечерна богослужба, продолжи денеска со утрена богослужба а потоа и Света Божествена Литургија, што ја отслужи отец Алексо Темелко, по што во трпезаријата на црквата имаше богата трпеза за сите верници, а потоа и музичка програма со македонски песни и ора.
-Нека ни е честит овој е голем празник и вечно да го славиме. Да продолжиме и ние и нашите поколенија, по стапките на нашите претходници. Го прославуваме нашиот најсилен и најмоќен заштитник на верата и на сите православни верници. Нека не благослови со здравје и среќа и да не заштити од секакво зло, посака отец Темелко.
Како и за секој празник, со Македонците беше и Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ и еден од најголемите поборници за зачувување на македонските традиции, култура и идентитет.
-Запалив свеќа и се помолив за здравје и напредок на сите Македонци каде и да се. Нека не благослови големиот Архангел Михаил, и нас и нашата татковина Македонија, рече за МИА, Стерјовски.
Празникот на своите сограѓани, преку објава на Фејсбук им го честиташе и актуелниот градоначалник на општина Пустец, Пали Колефски.
ноември 22, 2025

