Фудбал
Адвокат: Пласманот со Курасао на СП2026 е моето најлудо достигнување
Холандскиот 78-годишен фудбалски стратег Дик Адвокат изјави дека пласманот на Светското првенство 2026 со репрезентацијата на Курасао е „најлудото достигнување“ во неговата долга тренерска кариера.
Карипскиот остров со нешто повеќе од 150.000 жители, кој е самоуправен дел од Кралството Холандија, стана најмалата земја што некогаш се квалификувала на мундијалскиот турнир, откако во вторникот го освои потребниот бод во ремито без голови против Јамајка.
Адвокат не беше на клупата, бидејќи мораше да се врати во Холандија од семејни причини, а сега ќе стане највозрасниот селектор во историјата на светските првенства.
„По ваков настап, во искушение сте да кажете дека ова е најубавото нешто што некогаш сум го доживеал, но тоа би било потценување на многу други моменти“, изјави Адвокат за весникот „Алгемин Дагблад“.
„Ова е најлудото нешто што некогаш сум го постигнал како тренер. Ова е толку прекрасно за островот и за играчите кои дојдоа од далеку.“, додаде селекторот на Курасао.
Адвокат го гледаше натпреварот на телевизија во својот дом во Хаг во раните утрински часови во средата.
„Бев целосно исцрпен по натпреварот, многу повеќе отколку кога сум на теренот. Можеш сè да поставиш како што сакаш, но ја губи целата енергија. Ова беше толку важен натпревар“, рече Адвокат.


