Свет
Американски суд отфрли план за ограничување на престојот на странски студенти и новинари
Федерален суд во САД го отфрли планот на американската влада за ограничување на должината на престојот на странски студенти, истражувачи и новинари во таа земја, јави ДПА.
Судот оцени дека предложените мерки на Министерството за внатрешна безбедност се „произволни и неразумни, дека претставуваат злоупотреба на дискреционите овластувања и не се во согласност со законот“. Судот веќе привремено го блокираше спроведувањето на мерките во септември, издавајќи прелиминарна забрана.
Судијата ги оцени тврдењата на министерството дека ограничувањата се неопходни за заштита на националната безбедност и спречување на измами како неубедливи. Притоа, тој заклучи дека потенцијалните трошоци за спроведување на мерките ќе ги надминат нивните придобивки.
Владата на САД поднесе жалба на претходната одлука за привремената забрана, а може да поднесе жалба и на најновата пресуда.
Според предложените правила, странските студенти и истражувачи можат да останат во САД максимум четири години, додека новинарите би имале право да останат максимум 240 последователни дена. Тие можат да аплицираат за продолжување на престојот додека се уште се во САД.
Тужбата против предложените ограничувања ја поднесе коалиција од универзитетски лидери, образовни организации и синдикати.
Визите за странски студенти (F), учесници во програми за размена и истражувачи (J) и новинари (I) беа ослободени од фиксни временски ограничувања со години. Досега, на нивните носители им беше дозволено да останат во САД за време на траењето на нивниот одобрен статус. Студентите, на пример, можеа да останат во земјата за време на траењето на нивните студии.
ноември 17, 2026


