Connect with us

Свет

Лекарите изразуваат загриженост поради бебиња во САД родени со мали сипаници

AP
(Web site)

За првпат по неколку децении, лекарите во САД алармираат за случаи на бебиња кои се раѓаат со мали сипаници.

Конгениталните (вродени) мали сипаници настануваат кога бремена жена ќе го пренесе вирусот на фетусот во утробата. Toа може да доведе до сериозни компликации, па дури и да биде фатално за новороденчињата.

Според прелиминарните податоци објавени во медицинско списание во понеделникот, од почетокот на 2025 година до крајот на септември, до американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC) биле пријавени 13 случаи на конгенитални мали сипаници.

„Ова е сосема нова појава“, изјави Мајкл Остерхолм, директор на Центарот за истражување и политика за заразни болести при Универзитетот во Минесота.

Појавата на оваа состојба е резултат на опаѓањето на стапката на вакцинација, што доведе до толку силно ширење на вирусот, што се очекува Панамериканската здравствена организација во вторник официјално да објави дека САД го изгубиле статусот на земја без мали сипаници – статус што го имаа уште од 2000 година. Според податоците на CDC, во изминатите две години се регистрирани повеќе од 7.500 случаи на мали сипаници.

„Се соочуваме со нивоа на сипаници какви што не сме виделе во изминатите 30 години“, вели д-р Адам Ратнер, член на комитетот за заразни болести при Американската академија за педијатрија.
„Кога малите сипаници се под контрола, не се јавуваат случаи на конгенитални мали сипаници.“

Прелиминарните бројки за случаите беа објавени во предупредување за јавното здравје, издадено од „NEJM Evidence“ во соработка со центарот што го раководи Остерхолм. Во предупредувањето се наведува и дека биле регистрирани 112 случаи на потврдени мали сипаници за време на бременоста – при што речиси сите заболени биле жени кои претходно не биле вакцинирани против мали сипаници или чиј статус на вакцинација бил непознат. Се нагласува дека вакцинацијата пред бременоста, како и високата стапка на вакцинација во заедницата, се „клучни за спречување на малите сипаници и поврзаните компликации“. Автори на ова предупредување се научници од CDC.

Насоките за конгениталните мали сипаници, изготвени од Академијата за педијатрија, веќе стигнуваат до лекарите. 

Министерството за здравство на Пенсилванија минатиот месец издаде препораки за здравствените работници, училиштата, установите за згрижување деца и други субјекти во таа сојузна држава, која во моментов се соочува со најголемата епидемија на мали сипаници во САД. Луѓето стекнуваат имунитет на мали сипаници (морбили) преку прележување на болеста или преку вакцинација.

Пред да постојат вакцините, многу луѓе се заразувале со овој исклучително заразен вирус уште во детството. Подоцна, високата стапка на вакцинација обезбеди заштита за сите. Но, новата реалност – која е резултат како на успехот на вакцината, така и на неодамнешниот скептицизам кон неа – доведе до појава на конгенитални (вродени) мали сипаници.

„Ситуацијата е таква што имаме голем број жени во репродуктивна возраст кои не биле вакцинирани во последните 25 години, а исто така никогаш не биле изложени на вирусот, бидејќи во изминатите 25 години успеавме да го потиснеме“, вели Остерхолм. „Сега, оваа група е исклучително подложна на мали сипаници.“

Лекарите велат дека најдобриот начин за превенција е жените да ја примат вакцината против мали сипаници, заушки и рубеола (позната како ММР) пред да забременат. Ова го штити и фетусот, бидејќи антителата преминуваат од мајката на бебето преку плацентата. Заштитата може да трае неколку месеци по раѓањето.

ММР вакцината не смее да се прима за време на бременоста. Невакцинираните жени кои никогаш немале мали сипаници, а ќе бидат изложени на вирусот додека се бремени, можат во рок од шест дена да примат препарат што содржи антитела, со цел да се намали ризикот од инфекција и компликации.

Конгениталните мали сипаници можат сериозно да им наштетат на бебињата
Ако жената се зарази со мали сипаници кон крајот на бременоста, постои голема веројатност дека ќе го пренесе вирусот на бебето. Според педијатриски експерти, се проценува дека 25% до 30% од бебињата родени од мајки кои заболеле од мали сипаници непосредно пред породувањето, може и самите да се заразат.

Вообичаените симптоми вклучуваат висока температура, жолтица и осип. Тешките компликации вклучуваат пневмонија, енцефалитис и ретка состојба позната како ССПЕ (субакутен склерозирачки пан-енцефалитис) – нарушување на мозокот кое обично се развива многу години по инфекцијата и е речиси секогаш фатално.

Ратнер, автор на книга за малите сипаници, наведува дека постојат индиции оти децата со конгенитални мали сипаници се изложени на поголем ризик од ССПЕ и дека кај нив оваа состојба може да се развие порано отколку кај другите деца. „За жал, ова е нешто за што дознаваме сè повеќе“, вели тој.

Лекарите стравуваат дека состојбата може да се влоши доколку стапката на вакцинација продолжи да опаѓа. Се смета дека појавата на епидемии е малку веројатна доколку една заедница има стапка на вакцинација со ММР од 95%, но во многу заедници стапките се спуштиле под тој праг. На национално ниво, според податоците на ЦДЦ (CDC), 92,4% од децата во градинките во САД во периодот 2025–2026 година ги примиле задолжителните ММР вакцини.

Ова ги изложува на ризик многу ранливи лица, вклучително и доенчиња кои се премногу мали за да бидат вакцинирани. Првата доза од ММР вакцината рутински се дава на возраст од 12 до 15 месеци, а во области каде што има епидемија, најрано што бебињата можат да ја примат вакцината е на 6-месечна возраст.

„Треба да се вратиме на состојбата во која секој што може да се вакцинира – навистина да се вакцинира, а за тоа ќе биде потребен значителен напор“, изјави Ратнер. „Тоа ќе бара многу работа од страна на педијатрите и институциите … Но, тоа е важна работа што треба да ја направиме.“

Ad
Ad