Connect with us

Регион

Анкета: Шест од десет Грци негативно ја оценуваат актуелната грчка Влада

Шест од десет анкетирани, односно 63,5 отсто ја оценуваат „негативно“ и „веројатно негативно“ актуелната грчка Влада, меѓутоа сепак, според рејтингот, владејачката Нова демократија останува прва политичка сила во Грција, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Марк“ за грчката телевизија „Антена“, јави дописничката на МИА од Атина.

Од оние кои гласале за владејачката партија на претходните избори во 2023 година, речиси 30 отсто ѝ даваат негативна оценка на Владата.

Во однос на опозицијата, анкетираните (19,3 отсто) сметаат дека ПАСОК е партијата што води најсуштинска опозициска политика.

Мнозинството од анкетираните (83,4 отсто) изразуваат незадоволство од политичкиот дијалог во земјата, а на прашањето „Кој е виновен за токсичноста во јавниот политички дијалог?“, 51,7 отсто ја посочиле Владата, а 44,3 проценти сметаат дека виновникот се медиумите.

За односите со Турција, анкетираните не се загрижени за евентуален инцидент со соседната земја, со оглед на тоа што 64,1 отсто сметаат дека е „малку“ веројатно или „воопшто“ не е веројатно да се случи некаков инцидент, наспроти 33,5 проценти кои одговориле позитивно.

На политичката сцена, Нова демократија со 27,2 отсто е на првата позиција, зад неа е партијата ЕЛАС на поранешниот премиер Алексис Ципрас со 14 проценти, а трета е ПАСОК со 11 отсто.

Потоа, со рејтинг меѓу пет и шест отсто, следат радикално десничарската Грчко решение, Комунистичката партија и левичарската Курс на слобода.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека влез во Парламентот (со 3,7 отсто) обезбедува и партијата на поранешниот пратеник на Златна зора Илиас Касидиарис, кој неодамна излезе од затвор, откако ја издржа казната за учество во криминална организација.

Меѓу лидерите на политичките партии, 31 отсто од учесниците во истражувањето на јавното мислење сметаат дека актуелниот претседател на грчката Влада, Кирјакос Мицотакис е најсоодветен за премиер, а зад него е поранешниот премиер, а сега лидер на ЕЛАС, Ципрас со 14,7 проценти.

Истражувањето на агенцијата „Марк“ за грчката телевизија „Антена“ било спроведено во периодот од 9 до 11 ноември 2026 година со анкетирани 1.218 лица од цела Грција. 

Ad
Ad