Култура
Награди за најдобри женска и машка епизодна улога за Кочовска и Михајловски на 22. Меѓународен фестивал на глумецот – Никшиќ
Првенците на Македонскиот народен театар, Тања Кочовска и Тони Михајловски, се добитници на фестивалски признанија на 22. Меѓународен фестивал на глумецот – Никшиќ – 2026 година. Кочовска ја доби наградата за најдобра женска, а Михајловски за најдобра машка епизодна улога, за своите актерски остварувања во претставата „Страв и надеж“ на МНТ, соопштија од националната установа.
Претставата, во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат, беше дел од годинашната фестивалска програма, а актерските остварувања на двајцата првенци на МНТ биле издвоени како особено впечатливи.
– Во образложението на жирито се истакнува: „Беше вистинско задоволство да се гледаат овие двајца актери, особено во сцената во која настапуваат како партнери. Нивната игра беше трагикомична, исполнета со човечка топлина. Со својата инспиративна актерска игра ја направија нашата одлука лесна.“ Одлуката ја донесе стручното жири во состав: Миодраг Кривокапиќ, истакнат драмски уметник и актер, претседател на жирито, Даница Максимовиќ, истакната актерка, и Стеван Вуковиќ. Ова двојно признание е уште една потврда за актерскиот квалитет на двајцата првенци на МНТ, како и за вредноста на претставата „Страв и надеж“, која продолжува да го афирмира МНТ – се наведува во соопштението.
Од МНТ истакнуваат дека особено значаен е и фактот што актерскиот тандем, Кочовска и Михајловски, заедно добива фестивалски признанија на различни театарски фестивали, за различни претстави, потврдувајќи ја вредноста и препознатливоста на нивните заеднички актерски остварувања.
На свеченото доделување, наградите ги примил директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, во име на наградените актери.
– Реткост и посебна чест е да се добие награда на фестивал посветен на актерот. Актерот, без кого ликовите би останале да живеат само на хартија, а сцената би била празна. Актерот, кој на сцената стои пред нас како огледало – изјавил Кимовски, заблагодарувајќи се.
ноември 11, 2026


