Connect with us

Култура

Ревија на македонскиот филм во Србија

Филмот „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, меѓународно наградуваното остварување „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски се дел од програмата на втората Ревија на македонскиот филм во Србија, која од 12 до 14 ноември ќе се одржи во установата за култура „Пароброд“ во Белград.

Ревијата ќе понуди тридневна програма со играни, документарни и краткометражни филмови, средби со филмски автори, мастер-клас и музичка програма, со цел поголема афирмација на современата македонска кинематографија пред српската публика.

Во центарот на годинашното издание е документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, кој по светската премиера на 82. Филмски фестивал во Венеција, каде што ја освои наградата Cinema and Arts Award, продолжи да бележи значајни меѓународни успеси.

Филмот освои две награди на Меѓународната документарна асоцијација (IDA) – за најдобар долгометражен документарен филм и за фотографија, доби две номинации за Еми, како и номинации за Critics Choice Documentary Awards и Producers Guild of America. Воедно, е официјален кандидат на Северна Македонија за Оскар во категоријата најдобар меѓународен долгометражен филм, а неговата светска дистрибуција ја презеде National Geographic Documentary Films. Котевска освои и две признанија на Wildscreen Panda Awards за режија и продукција.

Инспириран од македонската народна приказна за момчето Силјан кое се претвора во штрк, филмот ја раскажува приказната за земјоделецот Никола Цонев, неговото семејство и необичното пријателство со повреден бел штрк. Преку односот меѓу човекот и природата, Котевска отвора теми за опстанокот, припадноста, семејните односи и неизвесноста на современото живеење.

Публиката во Белград ќе може да го погледне филмот во сабота, на 14 ноември, а по проекцијата ќе има можност да се сретне со режисерката и да разговара за нејзиното творештво и меѓународниот пат на нејзините филмови. Котевска претходно постигна светски успех со документарниот филм „Медена земја“, номиниран за Оскар во две категории.

Во играната програма е и „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, црна комедија со елементи на општествена сатира, која преку приказната за автомеханичар што се обидува да го излекува својот болен татко ги отвора прашањата за здравствениот систем, современото македонско општество и човечката потреба за надеж.

Филмот имаше светска премиера на фестивалот Tallinn Black Nights, беше прикажан на повеќе од 90 фестивали и освои низа меѓународни признанија, а беше и македонски кандидат за Оскар. По проекцијата е предвидена средба на публиката со режисерот.

Ставрески на 13 ноември ќе одржи и мастер-клас на тема „Филмската тензија во процесот на создавање филм“, посветен на филмското раскажување и авторскиот процес.

Вториот игран филм е „Балканот не е мртов“ на режисерот Александар Поповски, историска драма со Никола Ристановски во главната улога. Според сценариото на Дејан Дуковски и со музика на Кирил Џајковски, филмот ги следи судбините на македонско семејство од Битола на преминот од 19 во 20 век, поврзувајќи ја семејната приказна со патувањето со Ориент експрес.

Во програмата се вклучени и четири краткометражни филмови: „Награда“ на Лидија Мојсовска, „Да се чува планината“ на Изер Алиу, „Пепи и Муто“ на Ѓорѓи Унковски и „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески.

Меѓу авторите е и Ѓорѓи Унковски, кој подоцна оствари меѓународен успех со филмовите „Налепница“ и „Диџеј Ахмет“. Неговиот филм „Диџеј Ахмет“ на фестивалот Санденс во 2025 година ја освои наградата на публиката и специјалното признание на жирито.

Покрај современата продукција, ревијата ќе понуди и проекции на архивски филмски журнали, дел од нив за првпат пред пошироката јавност, со кои ќе се претстави филмската и културната историја на Македонија.

Затворањето на ревијата на 14 ноември ќе биде проследено со музичка програма на џез-трио, со избор на филмска музика и композиции инспирирани од музичкото наследство на македонското поднебје

Ad
Ad