Connect with us

Општини

Аркин Јахији ја презеде функцијата градоначалник на Општина Брвеница

Претседателката на Општинската изборна комисија Брвеница Недиме Салаи денеска му го предаде решението за градоначалник на Аркин Јахији. Тој беше избран за нов градоначалник на Општина Брвеница, по вториот круг за предвремени избори на 1 ноември кога освои 4.442 гласови наспроти Стојанчо Радичевски кој имаше 4.184 гласови. 

По доделувањето на решението, Јахији се обрати кон вработените во општината и медиумите, при што истака дека во неговата изборна програма истакнувал залагања за една пофункционална општина,  нови работни места, една општина за младите и семејствата и локална власт со одговорно управување.

Според него, во иднина во општината ќе се отворат две нови канцеларии, една канцеларија за иселениците и една канцеларија за бесплатна правна помош. 

– Јас како градоначалник на Општина Брвеница ќе бидам отворен за сите граѓани без разлика на етничката, партиската и било која друга припадност. Вратата на општината ќе биде отворена за сите, ние ќе бидеме блиску до граѓаните за да олесниме нивниот живот, истакна Јахији. 

Вработените во општината му посакаа добредојде во торта, која Аркин Јахији ја подели. Аркин Јахији е роден на 17 март 1981 година во Тетово. Во 2005 година дипломирал како правник на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ), а во 2015 година таму стекнал и титула Магистер по компаративна јавна администрација на Европската Унија. Има долгогодишно искуство во државната администрација.

Ad
Ad