Connect with us

Вести

Промовирана „М.услуги“, мобилна апликација за поедноставен и побрз пристап на граѓаните до јавни услуги и документи

Мобилна апликација „М.услуги“, наменета за поедноставен пристап на граѓаните до електронските јавни услуги и дигиталните документи преку мобилен телефон, беше промовирана денеска. Апликацијата е бесплатна за преземање и не е задолжителна, но ќе нуди многу нови погодности. „М.услуги“ ќе овозможи пристап до електронска верзија на личната карта и возачката дозвола, како и до првите три дигитални услуги за граѓаните. Најавено e и натамошно проширување на функционалностите на апликацијата. 

На промоцијата, што се одржа во Македонската филхармонија во Скопје, беа претставени функционалностите на апликацијата и можностите што таа ги нуди за полесно користење на дигиталните услуги.

Премиерот Христијан Мицкоски, обраќајќи се на промоцијата, истакна дека денеска со мобилната апликација „М.услуги“ се прават конкретни чекори во насока на тоа граѓанинот да не мора да зема слободен ден од работа за да извади документ, да чека пред шалтер или да носи хартија од една во друга институција, да нема потреба да познава некого во администрацијата или да плати повеќе за побргу да се заврши некоја работа.

Институциите, рече, треба да разменуваат податоци, процедурите да се поедноставуваат, а граѓанинот да престане да биде врската меѓу разните делови на администрацијата.

– Токму тоа за мене е суштината на дигиталната трансформација. Тоа е важно затоа што дигиталната трансформација има вредност само кога плановите, стратегиите и инфраструктурата ќе се претворат во нешто што граѓанинот може практично да го користи. Како човек кој професионално доаѓа од инженерството, на овие процеси гледам, пред сè, како на прашање на добро дизајниран и функционален систем. Ако еден процес има непотребни чекори, неговото префрлање од хартија на екран нема автоматски да го направи добар процес. Ако две институции веќе поседуваат податоци, кои законски може да ги разменат, нема логика граѓанинот да биде тој што физички ќе ги пренесува тие податоци од една во друга институција. Затоа суштината на дигитализацијата не е само да воведеме нова технологија. Суштината е првин да го анализираме процесот, да ги отстраниме непотребните чекори, да ги поврземе системите и дури потоа да му понудиме на граѓанинот едноставна услуга – рече Мицкоски.

Според него, апликацијата е видливиот дел од тој систем, но оти зад тоа стојат регистри, интероперабилност, електронски услуги, електронски документи, механизми за идентификација и автентикација, законска рамка и секако кибербезбедност.

– Тоа се работи што корисникот не мора да ги гледа, но без нив апликацијата не би имала вистинска вредност. И тоа е една од задачите на државата, сложеноста да ја реши во заднина на граѓанинот да му понуди едноставен и сигурен резултат. Овој проект има и многу практична и економска димензија. Кога зборуваме за јавна администрација, често забораваме дека времето на граѓаните и на компаниите има реална економска вредност. Секое непотребно доаѓање во институцијата значи потрошено време, секој документ, кој повторно се бара, иако веќе постои во државен регистар, создава дополнителен трошок. Секоја постапка што трае подолго отколку што е неопходно претставува трошок и за граѓанинот и за државата. Затоа дигитализацијата е истовремено и административна и економска реформа. Ако преку подобри системи заштедиме илјадници часови на граѓаните и компаниите, тоа е конкретна вредност – истакна премиерот.

Според него, на ваков начин службениците, наместо со рутински административни постапки, може повеќе да се занимаваат со случаи во кои навистина е потребно човечкото знаење и одлучување.

Очекува оваа апликација да не биде проект на едно министерство, туку проект на целата Влада и на јавната администрација.

– Секој министер, секој директор и секоја институција треба да анализира кои услуги може да ги направи достапни преку овој систем, кои податоци веќе не треба да ги бара од граѓаните и кои процедури може да ги поедностави. Министерството за дигитална трансформација може да ги изгради платформата и инфраструктурата, но содржината мора да дојде од институциите. Затоа во следната фаза очекувам значително проширување на бројот на услуги, документи достапни преку „М.услуги“. Нема потреба денес да зборуваме дека системот е завршен. Ова е само почеток на една нова парадигма, одговорна држава која испорачува за граѓаните. Држава што создава појасни и проверливи административни процеси затоа што кога една постапка се води електронски, полесно може да се следи кога е почната, колку траела и во која фаза се наоѓа. И тоа придонесува за поголема отчетност, подобро управување и намалување на просторот за непотребно административно дискрециско постапување – рече во обраќањето премиерот Мицкоски.

Посочи дека ова е дел и од реформската агенда за приближување на Македонија до Еропската Унија додавајќи дека од преземените јасни обврски голем дел веќе се исполнети преку закони, измени, развој на дигиталната инфраструктура, унапредување на електронските услуги и поврзување на институциите.

– Сите овие законски измени во поголема мера се донесени. Тоа е важно затоа што покажува дека реформската агенда за нас не е само документ со рокови индикатори, туку процес што се спроведува и дава конкретни резултати. Европската интеграција нема да има смисла ако остане само на документи, поглавја, извештаи. Треба да се гледа и во секојдневието. Овие проекти треба да се гледаат како делови од една иста политика. Државата да има современа дигитална инфраструктура, сопствени човечки капацитети и институции кои може ефикасно да ја користат технологијата. Притоа мора да бидеме внимателни, дигитализацијата да не создава нова форма на исклученост. Не секој граѓанин има исти дигитални вештини. Затоа ќе продолжат да бидат потребни поддршка, центри за услуги и други канали за оние на кои тоа им е потребно. Сè што може рационално, безбедно и законски да се заврши дигитално, треба да го направиме достапно и дигитално – нагласи Мицкоски.

Вели дека граѓаните ќе бидат најрелевантниот тест дали е напаравен добар систем што ќе им ги олесни секојдневието и завршувањето на обврските.

– Нема да го мериме успехот само според тоа колку луѓе ја презеле апликацијата. Поважно е колку услуги реално ќе се завршат преку неа, колку време ќе се заштеди, колку постапки ќе станат поедноставни. И колку непотребни административни чекори ќе успееме да отстраниме. Тоа се показатели по кои треба да се оценува овој проект. Нашата задача во периодот што следува е тој процес да го забрзаме, да вклучиме што повеќе институции, да обезбедиме сè повеќе услуги, кои граѓаните ќе може да ги користат едноставно, сигурно и без непотребно губење време. Тоа е практичната цел на дигиталната трансформација. Подобро организирана држава, поефикасни институции и подобра услуга за граѓаните – потенцира Мицкоски.

На настанот се обрати и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој истакна дека кога почнал процесот на дигиталната трансформација на Македонија, целта не била да се креираат уште апликации, уште портали, уште регистри, туку нешто што ќе ја направи државата попристапна за граѓаните затоа што, како што рече, државата предолго за многу граѓани била далечна и често незаинтересирана.

– Државата беше шалтер, работно време, документ што ви недостига, печат што ви недостига, уште една институција во која треба да отидете, уште еден податок што државата веќе го има, но повторно бара од вас да ѝ го донесете. И тогаш сфативме дека дигиталната трансформација ќе се занимава многу повеќе со општествена трансформација, а дигитализацијата ќе ѝ биде само нејзина алатка – истакна Андоновски додавајќи дека „М.услуги“ не треба да биде само апликација, туку една сосема поинаква филозофија – документите да дојдат кај граѓанинот, услугите да дојдат кај граѓанинот и државата да дојде кај граѓанинот наместо граѓанинот постојано да оди кај државата.

Вели дека ова треба да им ги олесни проблемите на граѓаните со кои се соочуваат секогаш кога треба да завршат некоја работа.

– Кога ни треба нешто од државата, премногу често првото прашање што си го поставуваме е на кој шалтер треба да одам? Кого познавам во таа институција? Кои документи треба да ги однесам? Која институција е надлежна за ова прашање?
Тоа сакаме да го промениме. Граѓанинот не треба да ја знае секоја правна процедура на државата за да добие услуга. Не треба да знае кој податок треба и не треба да се приспособува на работното време на администрацијата за нешто што може да се заврши дигитално. И токму затоа ја создадовме „М.услуги“. Не само како уште една мобилна апликација во морето мобилни апликации, кои секој од вас ги има на својот мобилен телефон, туку како сеопфатен пристап до дигиталната држава. Еден дигитален идентитет, документи на едно место, услуги на едно место, известувања, а со текот на времето и плаќање – потенцира министерот за дигитална трансформација и притоа преку својот мобилен телефон прикажа како таа работи.

Целта на дигитализацијата, рече, не е само да се преслика шалтерот на телефон.

– Ако една постапка денес има седум непотребни чекори, успехот не е да направиме седум дигитални чекори. Треба да се прашаме кои од овие чекори можеме целосно да ги укинеме, целосно да исчезнат. Кој податок државата веќе го има? Што може институциите да разменат меѓу себе? Што воопшто нема потреба да бараме од граѓанинот? Тоа е вистинска дигитализација – дециден а Андоновски.

Според него, ова е само почеток. „М.услуги“, додаде, не е совршена апликација затоа што има работи што сè уште не се доразвиени.

– Сè уште не можете целосно да ги извршувате сите плаќања во самата апликација и нема онолку услуги колку што јас би сакал да има. Од 360 услуги на порталот, тука имаме само три. Но токму затоа ова денес не го гледам како крај на овој процес. Го гледам како една верзија на новиот однос меѓу граѓанинот и државата. Следниот важен чекор е воведување мобилно плаќање првпат во Македонија затоа што не сакаме, ако имаме електронска услуга, среде таа услуга да ве испратиме на националниот портал uslugi.gov.mk, таму да платите, па да се вратите назад на апликацијата. Сакаме барањето, плаќањето и добивањето на документот и услугата да бидат дел од еден заокружен процес – истакна во обраќањето Андоновски.

Додаде дека нема да се дигитализира првин само она што е најлесно за дигитализација, туку она што е најпотребно за граѓаните.

Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека нема да говори многу за оваа апликација, туку за она што претстои во иднина или најдоцна до крајот на следната година.

– Затоа што „М.услуги“ е предвесник на европскиот дигитален паричник, кој е многу важен чекор во дигиталната трансформација на Европа, кој е отворен и за нашите партнери, земји партнери од Западен Балкан. Европскиот дигитален паричник им дава можност на граѓаните, на бизнисите на безбеден начин да го покажат своите лични документи и да ги складираат во мобилниот телефон. Наместо да носат многу физички документи, луѓето може да користат еден дигитален паричник на телефонот да пристапат до услугите во целата Европска Унија и да дојдат на Западен Балкан – рече Рокас.

Според него, овој паричник може да складира и документи, како што се лични карти, возачки дозволи, образовни сертификати, патни исправи, па дури и банкарски информации.

– Неговата главна цел е секој да ги олесни секојдневните активности независно дали тоа значи отворање банкарска сметка, потпишување официјални документи, запишување на универзитет или пристап до владини услуги во друга земја на ЕУ. Една од најголемите предности на дигиталниот паричник на ЕУ е тоа што е многу корисен и лесен за употреба. Може да ја намали бирократијата и ги прави услугите полесни и побрзи за пристап. Друга голема придобивка е тоа што се признаени меѓугранично, што е многу важно затоа што наменето е да функционира во сите земји членки на ЕУ. Ова е особено корисно за луѓе што студираат, работат, патуваат или имаат деловни активности во рази земји на ЕУ. Паричникот се фокусира на приватност и безбедност – нагласи евроамбасадорот.

Според него, се очекува корисниците да имаат поголема контрола врз своите лични информации и да може да изберат кои податоци ќе ги споделуваат. Дигиталниот паричник на ЕУ, потенцира тој, има потенцијал животот во Европа да го направи поповрзан, поефикасен и посигурен. Ако е внимателно спроведен, може да стане голем дел од дигиталната иднина на Европа.

– Особено тука во Северна Македонија, која е најнапреден балкански партнер во процесот да биде поврзана со дигиталниот паричник на ЕУ. Воведувањето на законодавството со кое се транспонираат релевантните регулативи за европски дигитален паричник за лични документи за валидација и одобрувањето електронски потписи се сочинети од неколку чекори, на кои моментно ние работиме во реформската агенда, и тоа е поврзано директно со спроведувањето на рамката за европски дигитален паричник за лични документи – вели Рокас.

Некои од овие чекори, како што рече, веќе биле постигнати во последната една и пол година и се очекува, конечно, да завршат до декември 2027 година.

– Дигитализацијата е една од областите во која земјите успеа да ги исполни барањата од реформската агенда и токму затоа денес сум тука со вас да ги поздравам овие достигнувања направени во трансформацијата на е-Влада. Ова е процес што трае и за кој се потребни напори не само од Министерството за дигитална трансформација туку и од сите други засегнати институци – потенцира евроамбасадорот Рокас.

Апликацијата ќе може бесплатно да се преземе преку платформите „Гугл плеј“ и „Ап стор“, а корисниците преку внесување на личните податоци и бројот на личната карта ќе може да ги повлечат своите дигитални документи.

Ad
Ad