Connect with us

Хроника

МВР: Акциска контрола за брзо возење, за шест часа констатирани 825 прекршоци

За само шест часа, во акциска контрола на територијата на целата држава, полицијата регистрирала 825 прекршоци за пречекорување на дозволената брзина. Речиси половина од нив биле констатирани надвор од населените места, каде што поголемата брзина може да ги направи последиците од сообраќајните несреќи уште потешки.

Контролата ја спровел Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи на 23 октомври, од 10 до 16 часот.

Од вкупниот број прекршоци, 398 се однесуваат на возачи кои ја пречекориле дозволената брзина во населено место, додека 427 прекршоци биле регистрирани надвор од населено место.

Но, брзото возење не било единствениот проблем. Во текот на контролата биле евидентирани и два случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено во членот 297-а од Кривичниот законик. Полицијата констатирала и дополнителни 89 прекршоци од друг вид.

Ad
Ad