Филм
„Одмаздници: Подемот на доктор Дум“ ќе се појави во кината во декември, без бомбастично најавуваниот Кристофер Абот
Љубителите на „Марвеловиот“ филмски универзум се подготвуваат за претстојното излегување на филмот „Одмаздници: Подемот на доктор Дум“ (Avengers: Doomsday). Филмот ќе се прикажува во кината од овој декември.
Долго најавуваната ѕвездена екипа глумци ги опфаќа имињата на Крис Еванс, Флоренс Пју, Крис Хемсворт, Себастијан Стен, Ентони Мекки и Роберт Дауни Џуниор (иако во нова улога). Тие ќе се сретнат и со ѕвездите од оригиналните филмови за „Икс-мен“ (X-Men), бидејќи своите улоги ги продолжуваат и Патрик Стјуарт, Ијан Макелен, Џејмс Марсден, Алан Каминг, Келси Грамер и Ребека Ромејн. Сепак, една нова ѕвезда во „Марвеловиот мултиверзум“ потврди дека нема да се појави во овој филм што обединува различни ликови, што според познавачи, и не е големо изненадување…
Кристофер Абот, еден од најновите членови на „Мултиверзумот“, иако беше бомбастично најавуван нема да глуми во „Одмаздници“. Глумецот кој ќе го толкува ликот на професор Чарлс Ксавиер од „Икс-мен“ во следната сага од серијалот (којашто е во претпродукција и неофицијално се нарекува „Ерата на мутантите“), неодамна во интервју за „Ролинг стоун“ (Rolling Stone), прашан дали постои можност да се појави во новиот филм – ја отфрли таа можност, потврдувајќи дека сè ќе почне со следниот за „Икс-мен“ филм.
– Не знам… За што говорите? Не сум дел од тоа. Прво треба да го снимам „Икс-мен“, пред сè друго, рече Абот.
„Одмаздници: Подемот на доктор Дум“ пристигнува во кината на 18 декември оваа година. „Одмаздници: Мистериозни војни (Avengers: Secret Wars)“ е најавен за следната година – на 17 декември 2027. Новиот „Икс-мен“ е предвиден дури за мај 2028 година.
октомври 27, 2026


