Свет
Израелски медиуми: Ликуд е подготвена да ги оспори изборните резултати во арапските заедници
Израелските медиуми повикувајќи се на неименувани извори денеска објавија дека партијата Ликуд, на премиерот Бенјамин Нетанјаху, уште пред да почне гласањето, се подготвува да ги оспори резултатите од избирачките места во арапските заедници.
„Тајмс оф Израел“ објави дека групите за граѓански права изразиле загриженост за плановите на Ликуд да испрати активисти да ги надгледуваат гласачките места во арапските заедници.
Додека приватната телевизија Канал 12 јави дека Ликуд веќе подготвил повеќе жалби и обвиненија за изборна измама на гласачките места во арапските заедници. Наводно, Ликуд е подготвена да го оспори гласањето на жените кои се целосно покриени, а за таа цел партијата на Нетанјаху ангажирала неколку илјади активисти да ги надгледува тие гласачки места.
Израелскиот весник „Харец“ објави дека Ликуд изминатите недели формирала неофицијални тимови на платени активисти со задача да ги набљудуваат гласачите во арапските средини.
Весникот наведува и дека Ликуд подготвува кампања што би уследила по изборите, која би се фокусирала на наводните изборни измами во случај партијата на Нетанјаху да ги изгуби изборите.
Не е првпат Ликуд да планира да ја користи теоријата на заговор за наместени избори за да ги придобие гласачите и да шири недоверба во изборниот процес, посочи „Харец“.
октомври 27, 2026


