Забава
Статуа на голиот Трамп изложена во Европскиот парламент
Сатирична статуа на американскиот претседател Доналд Трамп е поставена во Европскиот парламент во Стразбур. Скулптурата, висока 2,5 метри, е дело на данскиот уметник Јенс Галсхиот и го прикажува голиот Трамп како држи долг стап за голф, седнат на рамената на многу помал човек кој се тетерави под неговата тежина.
Делото, позлатено со 23-каратно злато, го носи називот „Портокаловата чума“, а е познато и како „Кралот на неправдата“. Во придружниот текст се цитира „Кралот“: „Би направил сè за да му помогнам. Освен да му се симнам од грб“. Уметникот објасни дека пораката претставува директна критика за попречувањето на борбата против климатските промени од страна на Трамп, пренесува „Дојче веле (Deutsche Welle – DW)“. Статуата е поставена во преминот што ги поврзува двете згради на Парламентот и ќе биде изложена до четврток. Данскиот европратеник Пер Клаусен, кој ја организираше поставката, истакна дека не е загрижен за евентуалната реакција на Трамп.
– Ако некој е толку чувствителен што не може да го поднесе изложувањето на оваа скулптура во Европскиот парламент, тогаш тој нема место на светската сцена, изјави Клаусен.
Доналд Трамп сè уште нема дадено коментар за уметничкото дело, коешто претходно беше изложено во неколку европски градови, но и на климатската конференција на ОН (КОП-30) во бразилскиот град Белем.
октомври 7, 2026
