Connect with us

Свет

Руските власти тврдат дека лаборантката во Сибир не починала од белодробна чума

Руските здравствени власти соопштија дека смртта на работничката во лабораторија  во Сибир не била предизвикана од чума, пренесе ДПА.

Новинската агенција Интерфакс денеска јави дека работничката во институтот специјализиран за контрола на болести поврзани со чума починала од „пневмонија од непознато потекло“, според Роспотребнадзор, руската служба одговорна за контрола на болести.

Во примероците земени од 28-годишната пациентка не се откриени микроорганизми „поврзани со нејзините професионални активности“. Жената починала минатиот петок во окружната болница во градот Шелехов во близина на Иркутск во Сибир.

Роспотребнадзор соопшти дека истрагата покажала оти немало лабораториска несреќа во институтот во Иркутск. Претходно имаше непотврдени извештаи дека жената можеби се заразила со белодробна чума кога епрувета случајно паднала врз неа.

Санитарната и епидемиолошката ситуација во регионот Иркутск, како и во градовите Иркутск и Шелехов, е стабилна, наведува службата, додавајќи дека таму се спроведува „пакет мерки“.

Телеграм-каналот „Луѓето на Бајкал“ јави дека три општи болници и една детска болница во Иркутск се ставени под карантин во траење од најмалку три недели. Според локалните извештаи, персоналот на институтот бил во карантин на своето работно место. Не се забележани дополнителни инфекции.

Белодробната чума е тешка форма на болеста предизвикана од бактеријата Yersinia pestis. Може да се развие кога инфекцијата ќе се прошири на белите дробови. Инфекцијата може да се лекува со антибиотици доколку третманот почне рано.

Според Институтот „Роберт Кох“, германска владина здравствена агенција, чумата сѐ уште се појавува во делови од Африка, Америка и Азија, но не и во Германија. Ризикот заразено лице да влезе во земјата е низок, се додава во соопштението.