Свет
Лавров: Неприфатливо е распоредување воена инфраструктура на НАТО во Авганистан
Русија смета дека распоредувањето воена инфраструктура на НАТО во Авганистан и во соседните земји е категорично неприфатливо – изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на отворањето на консултативниот состанок за Авганистан во рамките на Московскиот формат.
– Би сакал повторно да ги истакнам категоричната неприфатливост на распоредувањето воена инфраструктура на НАТО на територијата на Авганистан и на државите што се граничат со него под каков било изговор – рече Лавров на состанокот што се одржува на ниво на специјални претставници и високи функционери.
Шефот на руската дипломатија потсети дека историското искуство покажало оти таквото присуство носи ризик од дестабилизација и зголемување на конфликтите истакнувајќи притоа дека талибанските власти релативно успешно ја контролираат и управуваат земјата.
– Националната влада, која дојде на власт, предводена од движењето на талибанците, ја стави под контрола територијата на земјата и мора да се признае дека релативно успешно управува со државата – истакна Лавров додавајќи дека тие водат бескомпромисна борба против терористичките групи.
– Ликвидирани се стотици борци, спречени се низа терористички напади, кои предизвикаа големо внимание во јавноста, вклучително и напади насочени против странски државјани и дипломатски мисии – наведе тој.
Лавров оцени и дека авганистанската економија продолжува да се развива и покрај строгите санкции на западните земји, кои, како што рече, под изговор за заштита на човековите права го отсекоа Авганистан од меѓународниот финансиски систем и ги присвоија неговите национални банкарски средства.
Тој потврди дека Русија ќе продолжи да обезбедува хуманитарна помош за Авганистан, при што следната пратка треба да пристигне во рок од еден до два месеци.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин исто така изјави дека движењето на талибанците е сојузник на Русија во борбата против тероризмот.
октомври 6, 2026
