Connect with us

Свет

Под истрага поранешниот белгиски премиер Верхофштат поради надзор врз практикантите во Европскиот парламент

Белгиското федерално обвинителство води истрага против поранешниот белгиски премиер, Ги Верхофштат, заради начинот на кој биле надгледувани и ангажирани практикантите во Европскиот парламент додека тој ја предводел либералната пратеничка група.

Белгискиот магазин „Кнак“ пишува дека истрагата била покрената годинава и се однесува на периодот од 2009 до 2019 година, кога Верхофштат беше претседател на пратеничката група Алијанса на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) во Европскиот парламент.

По изборите за Европскиот парламент во 2019 година, АЛДЕ беше наследена од пратеничката група „Обнови ја Европа“.

Претставник на ЕУ запознаен со случајот, кој побарал да остане анонимен, за политичкиот портал „Политико“ појаснил дека Верхофштат е под истрага поради начинот на кој го надгледувал работењето на практикантите во Европскиот парламент.

Според истиот извор, истрагата ја покренале Европската канцеларија за борба против измами и Европското јавно обвинителство, но сега ја водат белгиските власти во име на институциите на ЕУ.

Верхофштат беше премиер на Белгија од 1999 до 2008 година, а европратеник од 2009 до 2024 година.