Свет
Серија експлозии утрово регистрирани на повеќе локации во Молдавија
Утрово низ цела Молдавија одекнуваа експлозии, а полицијата пронајде остатоци од беспилотни летала на неколку локации. Локалните медиуми објавија дека беспилотни летала биле забележани во воздушниот простор на Молдавија во исто време кога во тек бил големиот руски напад врз Украина.
Молдавското Министерство за одбрана го издаде своето прво соопштение во 8:37 часот утрово. Националниот интегриран систем за надзор на воздушниот простор регистрирал неколку беспилотни летала во близина на Нови Анен, Штефан Вода, Хинчешти, Тудори и Чаушани. Околу дваесет минути подоцна, Министерството за одбрана објави дека, во екот на големиот руски напад врз Украина, биле регистрирани експлозии во неколку делови од Молдавија.
Полицајци и припадници на молдавската армија биле испратени на терен за да утврдат што се случило.
Околу 7:50 часот утрово, полицијата во Чаушани добила пријава за експлозија веднаш надвор од градот. По пристигнувањето на местото на настанот, полицајците ги пронашле остатоците од беспилотното летало и густ чад.
Делови од дрон беа пронајдени и во близина на Дубовка и Хинчешти, областа Нови Анени, помеѓу селата Делакау и Пугачени. Уште една експлозија е регистрирана во близина на селото Крокмаз, во областа Штефан Вода, во лозје до земјоделска задруга.
По експлозијата, вегетацијата се запали, а прозорците на зградата на земјоделската бригада беа оштетени.
Полицијата соопшти дека во серијата експлозии нема повредени.
Полицијата и припадниците на војската сè уште работат на местото на инцидентите и ги утврдуваат околностите на настанот.
Властите ги повикаа граѓаните да останат смирени и да не се приближуваат до локации каде што се регистрирани експлозии или се пронајдени остатоци од дрон
октомври 3, 2026
