Забава
„Панда-дипломатија“: Нови панди пристигнаа во САД од Кина
Машка џиновска панда по име Пинг Пинг, шестгодишна, и една година помлада женка – Фу Шуанг пристигнаа од Кина во Зоолошката градина во Атланта, Џорџија, САД. Се очекува тие да помогнат во зголемувањето на популацијата на овој ранлив вид и во обидите природно да се размножуваат, објави денес „Си-ен-ен“ (CNN).
Пандите пристигнаа во САД вчера од Истражувачката база за размножување на џиновски панди во Ченгду, по едномесечен карантин и подготовки за долгиот лет. Пандите беа превезени со авион „Боинг 777“ на компанијата „Федекс“ (FedEx), па леталото беше наречено „Федекс Панда експрес“. Летот до Атланта траеше 16 часа. Пинг Пинг и Фу Шуанг патуваа во специјално дизајнирани кафези, придружени со свеж бамбус, вода и нивните омилени задоволства. По слетувањето на Меѓународниот аеродром „Хартсфилд-Џексон“, тие беа превезени до Зоолошката градина под полициска придружба, во камиони украсени со мотиви од панди.
Посетителите ќе мора да почекаат околу еден месец за да ги видат, бидејќи во тек е рутински период на карантин во зона со висока биолошка безбедност во новиот комплекс за џиновски панди. Пинг Пинг – чие име значи „мир“, и Фу Шуанг, што во превод значи „двоен благослов“, се дел од кинеската традиција на тн. „панда-дипломатија“.
Нивното пристигнување во Атланта се случи еден ден откако кинескиот претседател Шји Џинпинг го посети Вашингтон и се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп. Според договорот, пандите ќе останат во Атланта 10 години; тие и нивното потомство ѝ припаѓаат на Кина и се очекува на крајот да се вратат таму. Во мигов, три зоолошки градини во САД чуваат џиновски панди. Зоолошката градина во Атланта претходно врати четири панди во Кина во 2024 година, според 25-годишниот договор. Експертите истакнуваат дека размножувањето на пандите во заробеништво е тешко, делумно затоа што женките се плодни само еден до три дена во годината. Пинг Пинг и Фу Шуанг беа избрани врз основа на возраста, здравјето, генетиката и карактерот.
Во 2016 година, Меѓународната унија за зачувување на природата ја промени класификацијата на овој вид – од „загрозени“ во „ранливи“. Денес, џиновските панди во дивината живеат главно низ шест планински венци во Кина, со проценети околу 1.900 единки.
септември 28, 2026
