Забава
Шкотланѓанка стана најстарата љубителка на видеоигри која го стримува „Фортнајт“
Според Гинисовата книга на рекорди, 78-годишната Кет Боуви од Шкотска е најстара жена што се вклучува во (или ја стримува) видеоиграта „Фортнајт“ (Fortnite).
– Тоа е една прекрасна игра. Верзијата што ја играм е „Battle Royale – Last Man Standing“ (Кралска битка – Последниот преостанат), каде што влегувате сами, во двојка или како тим. Се обидувате да ги надитрите противниците и да ги отстраните. Но, нема крв – едноставно пукате во некого, а тој или ползи додека не умре, или е едноставно елиминиран со еден истрел. Значи, нема неред – ништо слично на тоа, изјави Боуви, како што пренесува Би-би-си (BBC). – Никој не е премногу стар за да почне да игра вакви игри. Не мора тоа да биде „Фортнајт“ или некоја друга игра со борби. Не дозволувајте никој да Ви каже дека сте премногу стар, додаде највозрасната „гејмерка“.
Шкотланѓанката почнала да игра „Фортнајт“ во 2017 година откако нејзиниот внук – тогаш 17-годишник, ја запознал со играта. Денес, профилот на „намќорестата бабичка“ – „grumpygran1948“, има над 24.000 следачи.
Боуви е вклучена во изданието на Гинисовата книга на рекорди за 2027 година, а рекордот ѝ беше официјално признаен на 1 септември. Таа вели дека иако претходно пробала други видеоигри, „Фортнајт“ веднаш го привлекла нејзиниот интерес. Потоа си купила сопствена конзола, иако нејзиниот внук се сомневал дека таа може да привлече публика како стримерка.
– Тој велеше дека никој нема да гледа како играм. Тоа ми беше како „црвено платно пред бик“. Сакав да му покажам дека можам да го направам тоа, додаде Боуви.
Таа, вели, игра „Фортнајт“ секојдневно и особено ужива во предизвикот што го нуди играта. Како што наведува, заедницата на луѓе што играат е поважна од самата игра.
– Играм со прекрасни луѓе од Обединетото Кралство, САД, Канада, Нов Зеланд и Австралија. Одлично е што ги запознав сите тие луѓе!, нагласи таа.
Уредничката на „Гинис“, Алис Бел истакна дека уредничкиот тим смета оти играњето видеоигри е наменето за сите, нагласувајќи дека новото издание ги претставува играчите од различни генерации и култури ширум светот.
септември 28, 2026
