Забава
Студија: Дивите животни имаат клучна улога во регулирањето на климатските промени
Дивите животни активно ги регулираат климатските промени, со што дополнително се потврдува нивната значајна улога во природата, покажуваат резултатите од новата студија објавена во списанието „Глобал чејнџ бајолеџи“ (Global Change Biology).
Како што пренесува порталот „Оушенографик магазин“ (Oceanographic Magazine), истражувањето се надоврзува на „Научниот консензус за диви животни и климата“ — иницијатива започната во јуни годинава, која го препознава позитивниот придонес на дивиот свет во ублажувањето на климатските промени и ги повикува властите да ја земат предвид нивната улога при креирањето на климатските политики. Консензусот досега го поддржале повеќе од 350 научници ширум светот.
Студијата насловена „Дивите животни и климата“ е изработена од 13 научници, кои исто така се потписници на Научниот консензус. Нивниот труд е објавен во пресрет на Климатската конференција на ОН (COP31), која ќе се одржи во ноември, а на која се очекува да биде иницирана и доброволната декларација „Диви животни за климата“, предводена од африканските земји.
Во научниот труд се наведува дека дивите животни секојдневно придонесуваат за функционирањето на екосистемите преку своето природно однесување, а нивното влијание има значајни последици врз складирањето на јаглеродот и врз процесите што влијаат врз климатскиот систем.
Како конкретен пример во студијата е посочен дугонгот — морски цицач кој придонесува за рециклирање на хранливите материи и за распространување на семето низ ливадите со морска трева, екосистеми кои имаат витална улога во складирањето јаглерод. Друг пример се азиските тигри, кои преку регулирањето на популацијата на тревопасните животни директно влијаат врз квалитетот на екосистемите и врз количината на јаглерод што се складира во шумите.
Ваквите природни процеси потврдуваат дека дивите животни имаат активна улога во функционирањето на екосистемите, а со тоа и во процесите поврзани со глобалните климатски промени, нагласуваат авторите.
Главната цел на оваа иницијатива е зачувувањето на дивите животни и нивната улога во ублажувањето на климатските промени да добијат поголема застапеност во меѓународните климатски политики и стратегии за справување со климатската криза.
септември 28, 2026
