Connect with us

Економија

Американскиот Балкански трговски центар започнува стратешка соработка со Трговската комора на Илиноис

Американскиот балкански трговски центар (AБTC) потпиша договор за стратешко партнерство со Трговската комора на Илиноис. Од АБТС ова го оценуваат како важен чекор во мисијата на организацијата за зајакнување на деловните врски и создавање нови можности меѓу Соединетите Американски Држави и Балканскиот регион.

Договорот за партнерство бил потпишан во понеделник попладне, со што AБTC се приклучи на деловната мрежа на Стопанската комора на Илиноис низ целата држава.

– Партнерството отвора врата за поголема соработка, проширени деловни врски и дополнителни ресурси за Балканско-Американските претприемачи и бизниси низ целиот Илиноис и Америка, велат од АБТС.

– Ви благодариме што го градевте Вашиот живот и бизнис овде во Илиноис. Тука сме да ви помогнеме и да работиме заедно за да го изградиме Американскиот сон за кој работевте толку напорно, изјавил Џими Клејтон, извршен директор на Трговската комора на Илиноис.

За AБTC, ова стратешко партнерство претставува важна можност за проширување на својата работа и создавање посилни економски врски меѓу Балканските бизниси и Американската бизнис заедница.

– Ова е голем ден за Американскиот Балкански трговски центар. Ова е уште еден чекор кон градење иднина за луѓето од Балканот тука во Америка, истакнал Никола „Ник“ Андреевски, еден од основачите на AБTC.

Според Андреевски, ова партнерство значи повеќе можности и градење на моќни, долгорочни економски врски за балканските бизниси во Америка и за американските бизниси.

Американскиот Балкански трговски центар (AБTC) е непрофитна организација со претставништва во Чикаго, Илиноис, Мајами, Флорида и Њујорк, но е распространет низ цела Америка. AБTC е посветен на градење мост помеѓу Соединетите Американски Држави и балканските земји преку создавање значајни врски, зајакнување на професионалните мрежи и поттикнување можности за соработка помеѓу американските и балканските заедници.