Култура
Минас за македонската борба: Таму се огледа мојата сопствена душа
„Кога ја проучував историјата на македонскиот народ и на овој регион, во нивната борба ја препознав мојата сопствена борба.“ Со лична исповед за стравот, замолчувањето и слободата, Сотирис Минас денес во Скопје откри што стои зад неговиот избор да го научи македонскиот јазик. Публиката во преполната „Матица македонска“ го проследи обраќањето со силен аплауз.
На промоцијата на „Раскинување на договорот“, грчкиот поет ја поврза солидарноста со Македонците со сопственото искуство на растење во страв. Раскажа за средина во која автентичното изразување се доживувало како закана и за напорот да изгради самостоен живот. Во борбата за достоинство на македонскиот народ, објасни, ја препознал и потребата самиот да се исправи.
„Учењето на македонскиот јазик претставува свесен, политички и хуманистички чин“, рече Минас. Желбата за правда и за надминување на националистичките предрасуди ја опиша како неодделива од својата лична потреба за слобода.
„Токму тој ‘договор на непостоењето’ доаѓам да го раскинам со моето дело. Одбивам да ги почитувам неговите правила“, порача авторот.
Препејувајќи ги сопствените песни, Минас пронашол и нов начин да го изговори доживеаното: „Преведувајќи ги моите зборови на друг јазик, ја преведував мојата сопствена лична траума во една нова, слободна реалност.“
Авторот читаше од „Ми го одзедоа јазикот – македонскиот“, „Срце мое“ и од насловната песна. Им се заблагодари на Раде Силјан, на Иван Антоновски и на „Матица македонска“ за довербата во неговото дело. Силјан, основач на издавачката куќа и главен уредник на книгата, го иницираше објавувањето и ја отвори промоцијата. За поезијата говореше Антоновски.
Минас својата збирка ја определи како личен и политички манифест за слобода. Во неа, порача, „нашите рани, кога се претвораат во поезија, можат да ги обединат народите и да ги урнат најтемните граници“.
септември 20, 2026
