Вести
Мицкоски: Судството е заробено од претходната власт, но правдата мора да победи
Одлуката на Врховниот суд за укинување на пресудата за автобуската несреќа кај Ласкарци е разочарување и е последица на „рецидиви и остатоци“ од претходната власт, кои сè уште дејствуваат во правосудниот систем – изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарски прашања по посетата на реновираната зграда на Клиника за неврофизиологија.
Коментирајќи ја одлуката на Врховниот суд за Ласкарци, Мицкоски истакна дека станува збор за „рецидиви, остатоци, мал дел од претходната влада на СДСМ и ДУИ и тоа е последниот ресурс за заштита на таа влада и на луѓето што беа дел од таа влада“.
– Гледате како грчевито се борат, ги амнестираат. Таков беше случајот со модуларната болница, така и сега со Ласкарци. Имаме десетици жртви, имаме многу луѓе што имаат траен инвалидитет, но, за жал, тоа не е доволна причина за овие малкумина судии и обвинители да застанат на страната на правдата. Сепак, тие остануваат да бидат верни слуги на оние што во минатото ги поставиле. И тоа е уште едно разочарување не само за мене туку, генерално, и за граѓаните – изјави Мицкоски.
Според него, овие малкумина судии ги контаминираат сите оние чесни судии и обвинители што се во нашиот правосуден систем, но, како што нагласи, „добро е колегите од Европската Унија да ги гледаат овие примери и да видат, кога зборуваме за правосудството, со кого ние имаме работа и со кого ние во суштина имаме предизвик да се бориме“.
– Понекогаш имам и чувство дека со ветерници се бориме, како да е сето ова донкихотска битка. Вие бркате, затворате, тие пуштаат на слобода луѓе за кои постои основано сомнение, односно правосилна судска пресуда, и како последица на нивното работење имаме повеќе десетици мртви, како ништо да не било. Тоа за нив ништо не значи бидејќи од тој што ги назначил, нивниот стопан, нивниот газда, добиле таква наредба. Тоа е едно големо разочарување – изјави Мицкоски.
Но, нагласи премиерот, нема да се откажеме и ќе продолжиме да се бориме.
– Правдата мора на крајот да победи и ќе победи – порача Мицкоски.
Врховниот суд вчера информира дека ја укинува пресудата на Апелацискиот суд Скопје за автобуската несреќа кај Ласкарци, со која им беа зголемени казните на некои од обвинетите и предметот го врати на повторно постапување и одлучување.
септември 11, 2026
