Connect with us

Вести

Цветановски, Пеливанов, Раичевиќ, Хаџи-Василева и Азизи го сакаат местото на Ислам Абази

Советот на јавните обвинители денеска формираше комисии кои ќе ја спроведат постапката за избор на нов основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Комисијата за подготвување кандидатски листи ја сочинуваат Мирјана Илиевска, Ардиан Демири и Душица Димитриеска. Тие во рок од три дена треба да ги објават имињата на кандидатите кои ги исполнуваат законските услови за учество во изборната постапка.

Во Комисијата за спроведување на изборот се избрани Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.

За нов раководител на ОЈО ГОКК досега се пријавиле пет јавни обвинители. Кандидатури поднеле вишиот јавен обвинител Јове Цветановски, обвинителот во Вишото јавно обвинителство и поранешен обвинител во СЈО Трајче Пеливанов, обвинителката од ОЈО Скопје Лидија Раичевиќ, како и обвинителите од ОЈО ГОКК Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи.

Изборот на новиот шеф на ОЈО ГОКК е закажан за 28 октомври 2026 година. Постапката се спроведува поради истекот на мандатот на актуелниот раководител Ислам Абази, кој беше избран во октомври 2022 година.

На денешната седница Советот разгледал и изјави за продолжување на работниот однос на избрани и именувани лица согласно измените на Законот за работните односи. Констатирано е дека сите поднесени изјави се во законскиот рок, па работниот однос ќе им биде продолжен на осум јавни обвинители.

Станува збор за Елизабета Павловска од ОЈО Скопје, Фаик Арслани од Вишото јавно обвинителство Гостивар, Миле Петков од ОЈО Струмица, Ферат Елези од Јавното обвинителство на РСМ, Антонио Јолевски од Вишото јавно обвинителство Битола, Софка Ќека Наумова од ОЈО Скопје, Џелал Хусмани од Вишото јавно обвинителство Гостивар и Оливера Проеска од ОЈО ГОКК.

Советот го констатирал и прекинот на мандатот на јавниот обвинител Ахмед Ахмети од Основното јавно обвинителство Гостивар поради исполнување на условите за старосна пензија.

Во рамки на точката „Разно“, било констатирано дека Надица Василева Спасова, согласно решение на надлежниот фонд, може да продолжи да работи со половина работно време.