Вести
Пуштена во употреба реновираната зграда на Клиниката за неврофизиологија
Пуштен е во употреба реновираниот одделот за неврофизиологија на Универзитетската клиника за неврологија. Вкупно реконструирани се 891 квадратен метар, а по оваа фаза, следува и реновирањето на покривот и фасадата. Реновираниот оддел денеска го посети премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека со ова се обезбедуваат поквалитетни услови за нега и грижа на пациентите.
Мицкоски потенцира дека станува збор за простории што со децении не биле реновирани и упати честитки до раководството и медицинскиот персонал за реализираниот проект. Тој нагласи дека здравството останува еден од врвните приоритети на Владата најавувајќи серија инвестиции за реконструкција на целокупниот здравствен систем.
- Се разбира дека здравството е еден од нашите врвни приоритети и во периодот што следува сериозно сме посветени кон реконструкција на целокупниот здравствен систем, во рамките на тоа зборуваме за Клиничкиот центар во Штип, за Клиничката болница во Тетово, за Здравствениот дом со проширена дејност во Кичево. Но, исто така работиме и на проект со кој ќе се консолидираат, конечно, општите и заеднички служби при Клиничкиот центар тука во Скопје. Состојба што беше наследена од претходната влада со десетици милиони евра долг – изјави Мицкоски.
Според Мицкоски, станува збор и за хортикултурното уредување, на енергетската ефикасност на самите згради, бидејќи тоа е дел од реформската агенда секоја година да реконструираме и да реновираме, така што енергетски ефикасни направиме повеќе од 3 % од јавните објекти.
– Приоритетите биле дефинирани за првиот бран од претходната влада, сега ние ги дефинираме за вториот бран и Клиничкиот центар ќе биде тој приоритет, се разбира. И продолжуваме и понатаму да работиме во делот на соодветна локација и преговори со приватни сопственици за таа локација да изградиме еден нов голем клинички центар, ја знаете локацијата која е. Така што, сето ова очекувам во периодот што следува да биде завршено и на тој начин да продолжиме со инвестиции во рамките на здравството – изјави Мицкоски
Проблеми, како што посочи Мицкоски, има и не е идеално.
– Впрочем, никаде не е идеално, проблемите се таложеле со децении, но добро е што не се создаваат нови, а старите се решаваат и во таа насока ќе продолжиме и понатаму да функционираме – изјави Мицкоски.
Директорот на Клиниката за неврологија, Јован Божиновски, истакна дека со оваа реконструкција објектот станува целосно функционален простор со зголемен капацитет од 20 нови болнички легла за хоспитализација. Во објектот, нагласи, се сместени и одделите за третман на Паркинсонова болест и деменции, за главоболки и болни синдроми, за епилепсии, а ќе биде сместен и Одделот за демиелинизирачки болести и мултипла склероза.
Дополнително, како што нагласи, пуштени се во функција две амбуланти за невролошки прегледи и две за психолошко советување и тестирање, како и Кабинет за физикална медицина и Кабинет за когнитивна стимулација за нефармаколошки третман на деменција. За безбедноста на објектот е инсталиран противпожарен аларм и посебен излез за евакуација, а санирани се и подрумските простории, каде што е поставена потопна пумпа против поплави.
Покрај просторните услови, како што нагласи Божиновски, фокусот е ставен и врз зајакнувањето на стручниот медицински кадар.
– Во изминатиот период напорно работевме и покрај просторните услови, го подобриме и капацитетот на лекари и друг медицински персонал, односно да вложуваме во оној најважен можеби за нас дел, а тоа е медицинскиот персонал. За таа цел, ние обезбедивме, благодарение на Владата, 38 финансиски согласности за вработување. 25 веќе можам да се пофалам дека се завршени и се вработени. Тоа значи дека 25 млади луѓе одлучиле да продолжат да работат во сопствената држава, одлучиле да придонесат за неа, која ги школувала и образовала и, на крајот на краиштата, да продолжат заедно за подобро утре – истакна директорот Божиновски.
Како тековни и идни проекти, раководството на Клиниката ги посочи функционирањето на амбулантата за мигрена, каде што над 100 пациенти веќе примаат современа терапија, завршната фаза од процесот на институционална акредитација, како и децентрализацијата на терапијата за пациентите со мултипла склероза.
септември 11, 2026
