Вести
Судскиот совет не постапуваше по најголем дел од претставките, некои оценети како неосновани
Судскиот совет денеска на седница разгледуваше повеќе претставки и поплаки поднесени од граѓани и правни лица за работата на судии, претседатели на судови и судови, при што во неколку случаи претставките беа оценети како основани, а за другите Советот не утврди основа за преземање дополнителни мерки или ги затвори со службена белешка.
Меѓу разгледуваните претставки имаше и претставка за неажурно постапување на Управниот суд по предмет оформен по тужба за молчење на администрацијата. При расправата беше наведено дека и по поднесувањето и уредувањето на тужбата, не биле преземени процесни дејства во подолг временски период иако подносителот претходно доставил и ургенција за приоритетно постапување. Член на Судскиот совет посочи дека во конкретниот случај не биле доследно применети одредбите од Законот за управните спорови, кои предвидуваат рокови и постапување кога тужениот орган не ја доставува потребната документација. Поради тоа, Судскиот совет ја оцени претставката како основана и одлучи за заклучокот да биде известен и Управниот суд со цел надминување на констатираните состојби и доследна примена на законските одредби.
Меѓу претставките по кои Судскиот совет не утврди основа за натамошно постапување беа и оние што се однесуваа на наводно одолжување на судски постапки пред основни судови. По извршените проверки, Советот констатирал дека во предметите биле преземени процесни дејства, биле одржани рочишта и биле закажани наредни расправи поради што оцени дека нема елементи за утврдување нестручно или несовесно постапување на судиите.
Во еден од случаите било утврдено дека предметот веќе се наоѓа во жалбена постапка пред повисок суд поради што Судскиот совет оцени дека нема законска можност да презема дополнителни дејства додека трае постапката по правен лек. Поради тоа, овие претставки беа оценети како неосновани или затворени без понатамошно постапување.
септември 10, 2026
