Connect with us

Вести

Божиновска во УГД – Штип: Науката и институциите мора да работат заедно за силен енергетски и минерален сектор

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска оствари работна средба со раководството и професорите од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, на која беа отворени конкретни теми за унапредување на минералниот сектор преку посилно поврзување на институциите, науката и економијата.

Средбата со ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, придружуван од раководството на Универзитетот, е дел од заложбата на Министерството за создавање модерен, научно поткрепен и одржлив систем за управување со минералните ресурси на Македонија, во кој знаењето и истражувачкиот потенцијал на универзитетите ќе имаат директна улога во креирањето и спроведувањето на политиките.

Како една од клучните иницијативи на состанокот беше истакната изработката на сеопфатна мапа на геолошките истражувања во Македонија, како и промоцијата и заштитата на природните ресурси на земјата. Почнување на процесот за изработка на каталог на минерални суровини на Република Македонија и мапа на геолошките истражувања, значаен инструмент за систематско евидентирање, истражување, промоција и валоризација на минералниот потенцијал на државата.

„Македонија има минерален потенцијал што мора да го познаваме, научно да го истражиме и одговорно да го ставиме во функција на економскиот развој. Не можеме да зборуваме за современо рударство без наука, технологија и силни институции. Затоа го поврзуваме Министерството со универзитетите и создаваме услови знаењето да стане двигател на развојот“, истакна министерката Божиновска.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски, потенцира дека УГД располага со врвни просторни и научни капацитети, кои може да се стават во служба на државата и граѓаните.

„Универзитетот регионално располага со еден од најдобрите лабораториски центри во оваа сфера и има големо научно искуство. Науката мора активно да учествува во сите промени, енергетската транзиција и справувањето со климатските промени. Со брзи, ефикасни и прецизни решенија, со поддршка од државните институции и индустријата, можеме да го подобриме квалитетот на животот и поефикасно да ги искористиме ресурсите со кои располагаме“, изјави ректорот Мираковски.

На средбата беше разговарано и за заедничка подготовка и аплицирање на проекти пред европските фондови, со фокус на научноистражувачка работа, развој на иновативни технологии, заштита на животната средина, одржливо користење на природните ресурси, зелена транзиција и зајакнување на истражувачките капацитети.

Особено значајна е можноста УГД да се вклучи во активностите поврзани со заштитата, истражувањето и промоцијата на македонскиот рубин, минерално богатство со посебно национално значење. Со вклучување на научната заедница неговото значење може да се надгради не само како заштитено геонаследство туку и како дел од пошироката научна, културна и економска промоција на Македонија.

Министерството и УГД разговараа и за унапредување на истражувачката и аналитичката инфраструктура во областа на геологијата, рударството и минералните суровини.

Во фокусот на разговорите беа и ретките земји и критичните минерални суровини, кои имаат сè поголемо стратешко значење за европската и глобалната економија. Во таа насока беше истакната потребата од подготовка на посебна програма за истражување и развој, како и реализација на мерките предвидени со акцискиот план од Стратегијата за развој на енергетика, рударство и минерални суровини 2026 – 2046.

„Критичните минерали се иднината на современата индустрија, енергетиката и зелената транзиција. Ако сакаме Македонија да биде дел од новите европски синџири на вредност, мора да инвестираме во истражувања, лаборатории, кадар и технологии. Ова е долгорочна инвестиција во економската и ресурсната сигурност на државата“, нагласи Божиновска.

Во делот на енергетиката и зелената транзиција беа разгледани и можности за реализација на фотоволтаични системи во земјоделството, со кои би се овозможило производство на чиста енергија, поефикасно користење на земјоделските ресурси и зголемување на конкурентноста на земјоделскиот сектор.

Во разговорите особено внимание беше посветено и на улогата на Универзитетот во подготовката на нови кадри за потребите на современата енергетика и зелената транзиција. Развојот на обновливите извори на енергија, системите за складирање енергија, агроволтаиците и одржливите технологии отвораат нови можности, но и создаваат потреба од стручен и квалификуван кадар. Соговорниците се согласија дека поврзувањето на академската заедница, институциите и реалниот сектор е клучно за создавање кадар преку развој на современи програми, практична настава и нови можности за студентите да стекнат знаења и вештини, кои директно ќе одговорат на потребите на енергетскиот сектор.

Средбата потврди дека науката и институциите мора да работат заедно ако сакаме минералниот и енергетскиот потенцијал на Македонија да биде претворен во реален економски потенцијал.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Универзитетот „Гоце Делчев“ продолжуваат со координација на конкретните активности, со заедничка цел – повеќе знаење, повеќе истражувања, модерно и одржливо рударство и поголема додадена вредност од природните ресурси на Македонија.