Останати спортови
МотоГП: Квартараро од следната сезона во Хонда
Светскиот првак во Мото ГП од 2021 година Фабио Квартараро потпиша двегодишен договор со Хонда, објави денеска јапонскиот тим.
По осум сезони минати во Јамаха, која пред три недели го објави неговото заминување, 27-годишниот француски мотоциклист ќе се обиде да се врати во трката за титулата со друг јапонски производител.
„Хонда Рејсинг Корпорејшн (ХРЦ) со гордост го објавува доаѓањето на Фабио Квартараро за сезоните 2027 и 2028 година во Светското првенство во Мото ГП. Квартараро ќе се натпреварува за фабричкиот тим на Хонда ХРЦ, а неговото пристигнување се совпаѓа со почетокот на ерата од 850 кубни сантиметри во Мото ГП“, се наведува во соопштението на јапонскиот тим.
Хонда денеска, исто така, го објави потпишувањето на договор со Колумбиецот Давид Алонсо, кој беше светскиот шампион во Мото 3 во 2024 година, а сезонава се натпреварува во шампионатот во Мото 2.



