Општини
Евроамбасадорот Рокас во посета на Штип
Изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Штип се очекува годинава да влезе во фаза на реализација, откако ќе биде избран изведувач за проектот. По долгогодишните административни процедури, од Општината очекуваат конечно да бидат надминати пречките и да започне реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти за градот. Токму овој проект беше една од главните теми на денешната средба меѓу градоначалникот Иван Јорданов и евроамбасадорот Михалис Рокас. Станува збор за инвестиција што се реализира со поддршка од Европската Унија. На средбата било разговарано и за други проекти поврзани со зелената агенда и развојот на туризмот во општината.
-Навистина интересите и фокусот на oпштина Штип се кон реализација на проекти кои се од заедничко значење, а се во делот на зелената агендa, во делот на развој на туризмот, во делот на изградба на пречистителна станица за отпадни води, нешто кое е заеднички интерес и во соработка и партнерство со европските фондови, преку европската делегација се финансираат овие проекти. Јас сум сигурен и убеден, дека ќе продолжиме кон тој пат, кон конечна реализација на овие проекти и кон подобрување на квалитетот на животот на нашите сограѓани и во име на тоа сакам да се заблагодарам на амбасадорот и на целата делагација од ЕУ во нашата држава, кои ни даваат поддршка. Знаете дека долги години наназад имавме административни пречки во спорведувањето на процедурите за избор на најсоодветен понудувач, кој ќе го реализира овој проект- рече Јорданов.
Поддршката за изградбата на пречистителната станица и за другите проекти во Штип ја потврди и евроамбасадорот Рокас. Тој порача дека Европската Унија ќе продолжи да и помага на Општината во реализацијата на проектите, кои се важни за граѓаните.
-Тука сме за да видиме што можеме да направиме подобро во нашата соработка и се разбира да и помогнеме на општина Штип во реализација на плановите, се со цел да обезбедиме подобра иднина за нејзнините граѓани. Што се однесува на атмосферските води, тоа е пречестителната станица, тоа е итно прашање, кое што треба да се реши и се разбира дека ние сме тука и за овој проект. Треба да се склучи договор за реализација на овој проект, се надеваме до крајот на оваа година- изјави Рокас.
Од Општина Штип очекуваат со европска поддршка да продолжи реализацијата на клучните проекти, меѓу кои и пречистителната станица, како еден од најзначајните за градот.
јуни 11, 2026

