Општини
Промовирана публикација за османлиски попис на христијанско население во Тетовскиот Регион
Во Тетово се одржа промоција на публикацијата насловена „Османлиски документи за историјата на Македонија — Попис на христијанското население од Скопскиот санџак, Тетовска каза 1838/39 година“Том II, книга 3, издание на Државен Архив на Република Северна Македонија. Авторот, доц. д-р Аднан Шериф, направил превод на документи од Османлискот архив во Турција од пописот спроведен во 1838 и 1839 година при што се евидентирани населбите, семејствата, личните имиња и други податоци на христијанското население во овој дел од Македонија.
-Се работи за попис на христијанско население кое го опфаќаа просторот на двата града и околината со околу 100 села. Книгата ја прикажува историјата на нашето население од тоа време. Можеме слободно да речеме дека овие се и првите чекори направени од самите османлиски власти кои се сметаат и за модерни пописи. Денешното население врз основа на овие изданија ќе можат да ги најде и нивните предци коишто живееле тука, а тоа истовремено претставува врзување на денешното население со претходното население и претставува едно големо дело, изјави Аднан Шериф, автор на публикацијата.
Армен Жарноски, рецензент на публикацијата посочи дека пописот бил направен според Милет-системот.
-Народот бил поделен врз основа на верската припадност па се создавани дефтери на христијаните, евреите и на муслиманите. Ова се правело од практични причини затоа што христијаните и евреите биле обврзани со плаќање на данок со кој биле ослободени од служење воен рок, додека муслиманите освен, вообичаените даноци кои ги плаќале кон државата биле и обврзани со воен рок, истакна Жарноски.
Оваа книга е дел од едицијата со османлиски документи во Државен архив и претставува ризница за луѓето кои сакаат да создадат генеолошко стебло како и за научните истражувања. Издадени се и други публикации од пописите во Османлискиот период.
– Книгата е многу корисна за сите оние кои сакаат да ги истражуваат своите претходници, предци на овој терен, потоа интересно за истражување на миграциите, демографијата, како и за оние кои се занимаваат со акронимите, многу интересни имиња има, а потоа топонимијата. Исто така, тука читателот ќе открие дека има и некои села кои сега воопшто ги нема. На пример, има многу села каде што денес не живее македонско христијанско население. Има многу интересни податоци околу староста на населението. Да речеме, од 500 жители само пет-шест се над 60 годишна возраст. Податоци од публикацијата укажуваат дека тогаш се попишувале само машките имиња. Значи и тоа е еден интересен податок за демографските состојби, морталитет, наталитетот и така натаму, рече Светозаревиќ.
Во Музејот на тетовски крај (Дом АРМ), каде се одржа промоцијата, поставена е и изложба од Државниот архив „Документи и фотографии за Македонија од времето на османлискиот период“. Изложените паноа ќе може да се разгледуваат во наредните десет дена.
јуни 10, 2026


