Општини
Во Кавадарци Македонско-украински форум, со претставници на украински и македонски компании
Македонско-украински форум, со претставници на украински и македонски компании, се реализираше денеска во Кавадарци.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев рече дека овој настан е повеќе од деловна средба, претставува можност за градење нови мостови на соработка, за размена на искуства, идеи и визии, како и за создавање нови партнерства кои ќе придонесат за економски развој и просперитет на двете земји. Тој истакна дека двете држави ги поврзуваат искрени пријателски односи, засновани на меѓусебна почит, разбирање и поддршка.
– Веруваме дека токму бизнис-заедницата има важна улога во дополнително зацврстување на овие врски преку конкретни проекти, инвестиции и долгорочни партнерства.
Кавадарци, како економски активна и развојно ориентирана општина, е отворена за нови иницијативи и соработки. Нашите компании поседуваат знаење, искуство и потенцијал за успешна меѓународна соработка, а убедени сме дека и украинските компании носат вредни искуства и можности од кои можеме заеднички да учиме и да напредуваме, подвлече градоначалникот.
Притоа додаде дека денешната средба е одлична можност за воспоставување нови деловни контакти, препознавање на заеднички интереси и отворање пат кон идни успешни проекти.
– Верувам дека разговорите што ќе се водат денес ќе резултираат со нови партнерства што ќе донесат придобивки за компаниите, но и за локалните заедници и економиите на нашите земји, рече Јанчев.
Градоначалникот се заблагодари на сите што придонесоа за организацијата на оваа средба, а особено на амбасадорката за нејзината поддршка и посветеност во унапредувањето на односите меѓу нашите држави. Јанчев посака успешни разговори, плодни средби и многу идни заеднички успеси.
Амбасадорката на Украина, Лариса Дир, меѓу другото, изрази надеж дека со ова ќе се придонесе за развој на трговските врски.
јуни 10, 2026

