Останати спортови
Македонските одбојкари поразени во три сета од Холандија во Европската лига
Стартен пораз во Европската лига претрпе вечерва македонската машка одбојкарска репрезентација, откако во Струмица загуби од Холандија со 3-0 во сетови.
Холанѓаните ја оправдаа фаворитската улога и беа надмоќни во пресметката со избраниците на селекторот Јошко Миленковски во струмичката сала „Парк“.
Воведните два сета се одвиваа по идентично сценарио и до средината од периодот беа резултатски израмнети, кога Холандија со серија поени го доби првиот сет со 25-19, а вториот со 25-21.
Во третиот сет, Холандија веќе на почетокот поведе со 4-0, а македонските одбојкари иако се доближија на 20-18 во завршницата, немаа сили за резултатски пресврт и го завршија сетот со 22 освоени поени.
Најефикасен во македонските редови беше капитенот Никола Ѓоргиев со 11 поени, додека Холандија до победата ја предводеше Меијс со 20 поени.
Во рамки на воведниот викенд во Европската лига, утре во Струмица ќе се соочат Холандија и Луксембург, а в недела македонските одбојкари ќе играат против Луксембург.
јуни 6, 2026


