Општини
УГД-Штип додели 15 признанија за научни достигнувања, Сашко Коцески е научник на годината
Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип го одбележа Светскиот ден на науката со доделување 15 признанија на научници и студенти кои се вклучени во научноистражувачката работа. За научник на годината беше прогласен Сашко Коцески, декан на Факултетот за информатика.
Ректорот на УГД, Дејан Мираковски, истакна дека универзитетот не само што ја следи науката, туку активно придонесува во нејзиното создавање, а признанието од меѓународната научна заедница е потврда за квалитетот на истражувачката работа.
-Чест е кога универзитетот ги поместува вредностите, ги поместува вредностите, во повисок ранг на науката, често кога таа наука ја гледаат, ја признаваат меѓународните системи, односно списанија кои што имаат меѓународни уредувачки одбори, научници од цел свет ја ревидираат вашата научна работа и успевате во тој систем да бидете рамноправен чинител -вели Мираковски.
Прашан дали се зголемени средствата за научниистражувања, Мираковски одговори дека средствата се зголемени и од страна на Министерството за образование и наука и од страна на самиот универзитет.
-Едноставно се менува културата, пристапот кон оваа важна тема. Универзитетите не можат да бидат само пренесувачи, туку мора да бидат и генератори на таа научна мисла и тоа научно знаење – вели Мираковски.
Зденка Стојановска проректор за наука на УГД-Штип изјави дека резултатите во 2025 година покажуваат оти е забележан пораст на бројот на публикации во однос на 2024 година и тоа за 20 отсто.
-Меѓутоа, не само што е зголемена научната продукција, туку е зголемен и бројот на квалитетните публикации, па така 44 отсто од публикациите во 2025 година се во списанија рангирани во Q1 и Q2 квартилите. Би сакала да напоменам дека 50 отсто од публикациите во 2025 година се резултат на меѓународна соработка, што значи дека нашите научни работници и соработници се меѓународно признаени од научната заедница – рече Стојановска.
Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип за научник на годината го прогласи Сашко Коцески декан на Факултетот за информатика. Коцески истакна дека за него науката е еден од основните двигатели на општествено-економскиот развој, но и на развојот на човештвото.
-Науката бара љубов, бара посветеност, бара трпеливост, бара искреност, но исто така бара и голема доза на самокритичност. Таа бара од нас научниците честопати да си ги преиспитуваме сопствените ставови и да ги преиспитуваме сопствените тези и тврдења. Науката не е професија што се работи на норма, ниту пак е активност која што треба да ја работиме за награди и признанија. Во тој контекст можам да кажам дека јас навистина својот живот со љубов сум го посветил на науката и никогаш не сум се покајал за тоа, и ден денес работам со истиот елан, волја и посветеност и интензитет како и првиот ден, без оглед на зголемениот број на административни обврски. Науката, особено ако е експериментална како што работам јас, бара определени предуслови, бара опрема, бара лаборатории, бара инфраструктура. Мора да потенцирам, инфраструктурата сама по себе не создава научни резултати. Научната вредност лежи во луѓето, во нивните знаења, вештини, умеења, во нивната креативност, ама пред сè во нивната способност да се здружуваат и да соработуваат со други луѓе и да формираат силни научноистражувачки тимови и истакна Коцески.
Тој забележа дека во УГД се создаваат научни тимови кои што соработуваат и ја интензивираат соработката меѓу себе, а како што рече „уште повеќе сум среќен пак што во целиот тој процес се вклучуваат многу млади истражувачи“.
-Во тој поглед можам да кажам дека ова е иднината за создавање на едно силно научноистражувачко јадро. Мојата желба и заложба во иднина ќе биде секако да пробаме овој процес да го интензивираме уште повеќе и се надевам ќе добиеме уште поголема меѓународна видливост и препознатливост. На крајот само ќе ми дозволите да искоментирам за признанието кое што денеска ми го доделуваат. Лично сметам дека тоа признание не е само моја лична награда, затоа би сакал да го посветам на сите научни соработници со кои што соработувам овој период, ама пред сè на младите истражувачи, со кои што секојдневно работиме во лабораторија, со кои што споделуваме иста љубов и визија и желба и верба дека преку науката можеме да направиме нешто вредно и да оставиме траен печат и траен белег – вели Коцески.
Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип годинава додели 15 признанија на научници, меѓу кои и на студенти на трет циклус, вклучени во научноистражувачка работа. Мишко Милев и Маја Кукушева – Панева студенти на трет циклус се вклучени во истражувања во своите области. Милев ја добива наградата за труд објавен во „British Journal of Nutrition“ – списание со Q1 квартил.
-Јас сум биолог кој што работи на Факултетот за медицински науки и трудот беше во насоката на биооксидативните делови, како правилната исхрана може да влијае на нашето генетско здравје, односно како да го подобриме генетското здравје со помош на правилна исхрана. Јас долго време работам веќе со студенти, така да и во овој труд беа вклучени студенти коишто работеа заедно со мене. Пораката е секогаш да бидат храбри и да се занимаваат со наука – рече Милев.
Маја Кукушева – Панева, студент на трет циклус на Факултет за информатика по вторпат ја добива наградата, нејзината област на истражување е математичко моделирање на заразни болести.
-Првиот дел е моделирањето. Тука ми се покриени поголем дел од заразните болести. Тоа се нови модели кои што апсолутно одговараат на податоците за Македонија. Значи, ги докажуваат нашите параметри, на пример за туберкулоза, ширењето морбили, а предвидувањето мора да се има поголема база на податоци. Предвидувањето го правам само за Ковид-19.Придобивките се многу големи. На пример кога веќе имаме ние заразна болест која што почнува да се шири, ако имаме достапна база на податоци ние можеме целосно да ја предвидиме насоката како ќе тече заразната болест и кој ќе биде исходот од неа – вели Кукушева – Панева.
Од УГД посочуваат дека доделувањето признанија на научниците и студентите е традиционална активност со која универзитетот го одбележува Светскиот ден на науката и го поттикнува развојот на научноистражувачката дејност.
ноември 10, 2026


