Забава
Данска разработува легислатива за забрана за објавување дипфејк-содржини, сатирите и пародиите ќе бидат дозволени
Данската Влада предлага закон со кој би се забранило креирање и споделување дигитално изменети прикази на лица без нивна согласност, со цел да се спречи ширењето на т.н. „дипфејк-содржини“ создадени со помош на вештачка интелигенција.
Министерката за култура, Зенија Стампе, денеска ќе го претстави предлог-законот што предвидува поголема заштита од манипулирани видеоснимки и фотографии.
Во соопштението таа наведува дека изменетите видеа и фотографии можат да шират дезинформации и да ја поткопаат довербата на јавноста во автентичноста на дигиталните материјали.
„Една од клучните цели на законот е да ги принудиме технолошките гиганти брзо да ја отстрануваат таквата содржина за штетата да биде што е можно помала“, порача Стампе.
Законот е наменет за заштита на граѓаните, но и на уметниците, чии дела и настапи не би смееле да бидат имитирани и дистрибуирани без авторизација.
Сепак, предлогот предвидува исклучоци за карикатури, пародии и сатира, како и за други форми на општествена и политичка критика.
Предлог-законот сега влегува во парламентарна процедура. Стампе изрази надеж дека би можел да стапи во сила на почетокот на идната година.
октомври 9, 2026

