Connect with us

Свет

Маск ќе ја преименува „СпејсИксАИ“ во „СпејсИксСИ“ по иницијативата на Трамп

Илон Маск планира да ја преименува својата компанија за вештачка интелигенција (ВИ) во согласност со настојувањето на американскиот претседател Доналд Трамп оваа технологија да се нарекува „суперинтелигенција“.

Милијардерот од технолошкиот сектор вчера, одговарајќи на прашање на својата платформа „Икс“, потврди дека неговата компанија „СпејсИксАИ“ (SpaceXAI) ќе биде преименувана во „СпејсИксСИ“ (SpaceXSI).

„Да, ќе ја направиме таа промена“, напиша тој.

Компанијата неодамна беше формирана со спојување на фирмата на Маск „ИксАИ“ (xAI) – конкурент на „ОпенАИ“ (OpenAI) и „Антропик“ (Anthropic) – и неговиот вселенски потфат „СпејсИкс“ (SpaceX).

Трамп веќе неколку недели се залага „суперинтелигенција“ да биде претпочитаниот термин за ВИ, бидејќи смета дека сегашниот назив прави технологијата да изгледа „лажна“.

Маск беше меѓу најблиските сојузници на Трамп во првите месеци од вториот мандат на американскиот претседател. Подоцна двајцата се скараа, делумно поради законот за даноци, но оттогаш главно ги надминаа несогласувањата.