Connect with us

Свет

ЕУ внимателно ја следи ситуацијата во источна Русија поради сомнителен смртен случај на белодробна чума

Европската Унија внимателно ја следи ситуацијата во источна Русија поради сомнителниот случај на белодробна чума по смртта на лабораториски работник, изјави портпаролката на Европската комисија, Ева Хрнцирова.

– Запознаени сме за извештаите за инцидентот што се случи во лабораторија во Русија, во кој, според сите извештаи, е вклучен причинителот на чума. Во контакт сме со претставници на Европскиот центар за превенција и контрола на болести и многу внимателно ја следиме ситуацијата, наведе Хрнцирова.

На 2 октомври почина 28-годишна вработена во Иркутскиот институт за борба против чума во Сибир и Далечниот Исток. Претставникот на соседната република Бурјатија, Алексеј Циденов изјави дека може да станува збор за белодробна чума.

Рускиот надзорен орган за заштита на потрошувачите „Роспотребнадзор“ сè уште не ја потврдил точната причина за смртта. Само објави дека работничката починала од пневмонија со непозната етиологија. По нејзината смрт повеќе од 200 лица се ставени под медицински надзор по нејзината смрт.

Според Светската здравствена организација, чумата е заразна болест предизвикана од бактеријата „Јерсиниа пестис“ (Yersinia pestis), а обично се наоѓа кај мали цицачи и нивните болви.

Хрнцирова истакна дека болеста се лекува со антибиотици и не е регистрирана во Европа повеќе од 50 години, иако продолжува да се јавува во Америка, во Африка и во Азија.

Белодробната чума е форма на чума, што се пренесува директно од човек на човек. Периодот на инкубација е релативно краток, а симптомите, како што се тешкотии со дишењето и кашлање, обично се појавуваат во рок од 24 часа од инфекцијата. Доколку инфекцијата не се лекува веднаш може да настапи смрт од 24 до 48 часа. Стапката на смртност се движи од 30 до 100 проценти.