Connect with us

Регион

ЕУ перспективата на Западен Балкан во фокусот на средбата на МНР на Грција, Бугарија, Романија и Хрватска

Европската перспектива на Западен Балкан, била една од темите во фокусот на квадрилатералната средба на министрите за надворешни работи на Грција, Романија, Бугарија и Хрватска што се одржа на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкото МНР преку Икс информираа дека министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис се сретнал со неговите колеги од трите земји, а во фокусот биле регионалната соработка, европската перспектива на Западен Балкан, координација за прашањата поврзани со ЕУ и регионалните случувања.

Европската перспектива на регионот беше главната тема и на неформалниот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ што во понеделникот се одржа исто така на маргините на Генералното собрание на ОН.

На состанокот, Герапетритис ја истакна „цврстата поддршка на Грција за европската перспектива на регионот, во пресрет на следната средба на Групата во Атина и на грчкото претседателство со Советот на ЕУ“.