Connect with us

Регион

Цистерна во Атина исфрлала индустриски отпад во канализација – уапсени две лица

Две лица се уапсени во акција на грчката полиција за незаконско управување и неконтролирано отстранување отпад, откако било откриено дека цистерна, на бензиска пумпа, најмалку четири пати во период од 20 дена исфрлала течен индустриски отпад во канализација, поврзана со реката Кифисос во Атина, со што на крајот се излевал во морето долж атинското крајбрежје, јави дописничката на МИА од Атина.

Во рамките на операцијата, бил уапсен 41-годишен странски државјанин, возач на цистерната и 63-годишен грчки државјанин, привремено одговорно лице на бензинската пумпа, каде што се исфрлал отпадот, а во предметот се вклучени уште други две лица.

Од грчката полиција соопштија дека возачот на цистерната бил уапсен во моментот кога фрлал течен индустриски отпад со висока киселост во канализациска шахта на бензинската пумпа во населбата Егалео во западниот дел на Атина.

Откривањето на цистерната и апсењето на возачот било резултат на повеќедневна детална истрага на полицајците од Одделот за спречување на фрлање отпад, кои дискретно ја следеле конкретната бензинската пумпа и биле утврдени најмалку четири испуштања на течен индустриски отпад во период од 20 дена.

-Отпадот преку цевководи стигнувал до мрежата за атмосферски води на компанијата за водоснабдување и канализација на Атина, а потоа до реката Кифисос, со што на крајот се излевал во морето на крајбрежниот појас на Атина, соопштија од грчката полиција.

На конкретната бензинска пумпа, каде што се испуштал отпадот бил повикан претставник од Министерството за животна средина и енергетика, со цел да изврши увид, а од анализата и другите карактеристики на отпадот, како интензивен мирис, темнокафеава боја и висока концентрација на честички, произлегло дека станува збор за течен индустриски отпад со висока киселост.

Ова, според грчката полиција, резултирало со загадување на површинските води и претставувало непосредна опасност за јавното здравје.

На двајцата уапсени, односно на сопственикот на цистерната и на возачот им биле изречени административни казни од 2.840 евра и 1.348 евра.