Фудбал
Седлоски: Сакам да направиме компактна репрезентација која ќе игра храбро и мудро
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, ги кажа очекувањата за претстојните четири натпревари од Б1 Групата во новото издание на УЕФА Лигата на нации.
– Можеме да очекуваме добра игра, борба на секој натпревар залагање и максимална концентрација на сите натпревари во краткиот период што ни престои. За десет дена ќе одиграме четири натпревари, тоа досега никогаш јас не сум го искусил. Затоа повикав 25 фудбалери и три голмани. Мислите треба да ни бидат на првиот натпревар против Швајцарија. Имаме пет дена за тренинзи по што ќе одлучам кој на која позиција ќе игра. Ја следам формата на сите, и на оние кои се стандардни и на тие што не добиваат постојана минутажа во своите клубови. Мислам дека ќе направиме компактна репрезентација, спој на искуство со помлади. Целта ми е преку натпреварите во Лигата на нации, да создадам репрезентација за Европско првенство. За никого не е затворена вратата во репрезентација. Точно е дека четири натпревари немаме победа, но знаеме со какви репрезентации игравме. Јас во секој меч сакам да влезам како победник, но кога играте против велесили знаете како е. Наше е д а излеземе на терен и да покажеме храброст и да се претставиме како компактен колектив, рече Седлоски на денешната прес-конференција.
„Црвено-жолтите“ циклусот го отвораат на 26 септември против Швајцарија во Скопје, по што следуваат гостувањето кај Словенија на 29 септември во Љубљана, домашниот натпревар против Шкотска на 3 октомври и вториот дуел со Швајцарија, на гостински терен во Луцерн на 6 октомври.
Седлоски се одлучи да повика 28 фудбалери, меѓу нив четворица дебитанти, Анес Мељичи од Шкендија, Ѓорѓе Џеков од Силекс, Матеј Гаштаров од Црвена Звезда и Христијан Малески од Струга Трим Љум. Поради повреда натпреварите ќе ги пропушти дефанзивецот на Левски, Никола Серафимов.
септември 16, 2026
