Општини
Пецаков: Одлуката на УНЕСКО е значајна можност, но и дополнителна одговорност за заштита на Охридскиот регион
Заложбите, посветеноста и заедничката работа на локалната и централната власт, институциите и сите чинители вродија со плод. Искрено се радувам на одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со која Охридскиот регион не е впишан на Листата на светско наследство во опасност, а е даден дополнителен рок до 1 февруари 2031 година за реализација на препораките, напиша на својот фејсбук-профил градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Тој за одлуката рече дека е значајна можност, но и како дополнителна одговорност за сите чинители.
– Во наредниот период ќе продолжиме уште поинтензивно со спроведувањето на мерките за заштита на природното и културното наследство. Како локална самоуправа остануваме целосно посветени на реализација на капиталните еколошки проекти, одговорното урбанистичко планирање, зајакнувањето на системите за заштита на животната средина и доследната имплементација на препораките на УНЕСКО, посочи Пецаков.
Тој нагласи дека заштитата на Охридскиот регион не е обврска само на една институција, туку заедничка задача на локалната и централната власт, институциите и граѓаните.
– Убеден сум дека со добра координација, континуирана посветеност и меѓународна соработка со Република Албанија ќе ги реализираме сите неопходни активности и ќе го зачуваме Охридскиот регион како светско природно и културно наследство за сегашните и идните генерации, додаде Пецаков.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на годишната 48. Сесија што се одржува во јужнокорејскиот град Бусан донесе одлука да го одложи впишувањето на Охридскиот Регион на Листата на светски културни и историски наследства во опасност. На државата и е даден дополнителен рок од пет години за да ги спроведе препораките поврзани со заштитата на природното и културното наследство.
јули 25, 2026
