Општини
„Самоков екстрим“ по петти пат во Македонски Брод, околу 250 учесници ќе ја промовираат убавината на Поречието
На 6 и 7 јуни во Самоков, Македонски Брод, ќе се одржи петтото издание на фестивалот „Самоков екстрим“, кој и оваа година ќе собере околу 250 учесници од повеќе делови на Македонија.
На фестивалот ќе учествуваат мотоциклисти, возачи на теренски возила, планинари и љубители на планинарењето, со цел заедничко уживање во природните убавини на Поречието и промоција на активниот туризам во регионот.
-Со самото тоа што Фестивалот веќе живее пет години, има своја одржливост. Тоа најмногу се забележува преку фактот што населението од Самоков го прифати како свој и дава придонес во целокупната организација. Ќе имаме 100-ина мотоциклисти, 60-тина учесници во планинската трка. Благодарение на Фестивалот во Македонски Брод се формира и планинарско друштво „Поречки патеки“. Основната цел е запознавање на убавините на Поречието и поттикнување на туризмот во овој дел од земјава, рече Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.
Фестивалот придонел и за формирање на планинарското друштво „Поречки патеки“, а организаторите најавуваат и богата промоција на традиционална храна, природен планински мед и локални производи.
Настанот се организира од Општина Македонски Брод и здружението „Форум за авангардна креативност“ од Прилеп, а добива поддршка и од локални тур-оператори и Министерството за спорт.
Организаторите очекуваат успешен фестивалски викенд исполнет со спорт, дружење и промоција на природните богатства на регионот.
мај 29, 2026


