Општини
Гаши го посети Универзитетот во Тетово: Политиката треба да биде во служба на образованието и младите
Претседателот на Собранието на Македонија Африм Гаши денеска го посети Универзитетот во Тетово, каде што оствари средба со раководството на универзитетот и учествуваше во активноста на Парламентарниот караван „Собранието кај младите“, преку отворена дискусија со студентите.
На средбата со ректорот Јусуф Зејнели и академското раководство, Гаши, како што соопшти собраниската прес-служба, ја нагласи поддршката за академската заедница и истакна дека политиката треба да биде во служба на образованието. Тој ја потенцираше и историската улога на Универзитетот во Тетово како институција произлезена од волјата на граѓаните.
Од друга страна, раководството на универзитетот се заблагодари за досегашната поддршка, особено истакнувајќи го потпишувањето на колективниот договор. Тие го информираа претседателот за активностите и успесите на универзитетот во областа на меѓународната соработка, при што ја нагласија потребата од долгорочна стратегија во образованието и сеопфатен соработувачки пристап со цел унапредување на квалитетот на образованието.
Во рамки на проектот на Парламентарниот караван „Собранието кај младите“, организиран од Парламентарниот институт во соработка со НДИ и Амбасадата на Швајцарија, претседателот Гаши директно разговараше со студентите во амфитеатарот на универзитетот.
Целта на оваа активност беше приближување на институцијата до студентите, зголемување на транспарентноста и отчетноста на Собранието, како и надминување на перцепциите кај младите дека институциите се затворени или партизирани.
За време на дебатата беа разгледани теми поврзани со политичката култура, улогата на пратениците и важноста на вклучувањето на студентите во процесите на донесување одлуки. Претседателот Гаши ги повика студентите да бидат критички настроени и активни, нагласувајќи дека само преку искрена комуникација и соочување со проблемите може да се постигнат вистински реформи во општествениот и политичкиот менталитет.
Посетата заврши со пораката дека Собранието останува посветено на создавање подобра перспектива за студентите, со цел тие својата професионална иднина да ја гледаат во рамките на државата.
Оваа активност е дел од континуираните напори на Собранието за зајакнување на соработката со образовните институции и приближување на законодавниот дом до младите граѓани.
мај 28, 2026
