Connect with us

Општини

Собраниска „виза“ за предлог законот за основање Факултет за медицински науки и здравство во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола

Собраниската комисија за образование, наука и спорт даде поддршка на предлогот на закон за основање Факултет за медицински науки и здравство во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Членовите на комисијата на денешното прво читање на предложениот закон го отворија патот на решението со кое се овозможува трансформација на Високата медицинска школа во Битола во Факултет за медицински науки и здравство, односно академски студии за идни медицински сестри, акушерки и медицински биохемичар кои ќе имаат можност за академска кариера, посочи во име на предлагачите, пратеничката Силвана Ангелевска.

-Во моментов во Високата медицинска школа има прв циклус на стручни студии и можности за специјализација, а со овој закон ќе овозможиме академски четири годишни студии за медицинска сестра, акушерка и медицински биохемичар, а ќе продолжат и стручните тригодишни студиски програми за медицинска сестра, техничар, акушерка, медицинско лабараториски аналитичар, радиолошки технолог, физиотерапевт и санитарен инженер. Новитет во овој закон е тоа што ќе се овозможи втор и трет циклус студии за медицинска сестра исто како што во многу европски земји има ваков модел на образование на медицинските сестри. Факултетот ќе почне со работа во оваа академска година, секако доколку законот се донесе бидејќи во моментов е првото читање, а следува второ читање, потоа ќе се формира Матична комисија предложена од Советот за високо образование и се надевам дека ќе биде запазен рокот за почеток со работа на Факултетот во 2026-2027 година, рече Ангелевска.

Сакам да истакнам, нагласи пратеничката Ангелевска, дека постојниот наставен, наставно стручен и соработнички кадар кој во моментов работи во Високата медицинска школа, со денот на стапување на сила на овој закон, ќе продолжи со работа на факултетот.

Јавна поддршка за предложениот закон искажа потпретседателката на македонското Собрание Весна Бендевска и ги потврди капацитетите на Високата медицинска школа за трансформација во факултет.

-Давам најискрена поддршка на законот, ги знам капацитетите на високобразовната институција и потребата за која долги години наназад се зборува за Високата медицинска школа да почне одржува академски студии. Ја поздравувам идејата и продолжуваме кон второ читање на законот, посочи Бендевска.

Предлогот на закон за основање Факултет за медицински науки и здравство во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола беше поддржан и од опозицијата.

-Ова законско решение е добро и ќе биде голем придонес за развој на регионот. Исто така законското решение овозможува унапредување на медицинските науки и задоволување на потребите на здравствениот систем. Иако овој закон доаѓа на предлог на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ние како пратеничка група се приклучуваме и го поддржуваме овој закон. Кога се работи за нешто добро и е во интерес на граѓаните, ние не водиме сметка за тоа кој е предлагачот, туку квалитетот на законот, истакна пратеничката Даниела Николова од СДСМ.

Како што е познато, во 1988 година во Битола во рамки на универзитетот беше отворена Виша медицинска школа, во 2000 година таа се трансформира во Висока медицинска школа, а со новиот закон ќе се основа Факултет за медицински науки и здравство кој ќе работи во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“.

Маркетинг
Ad 2
Ad 1