Connect with us

Општини

Делчево одбележува 123 години од убиството на Гоце Делчев

Со пригодна свеченост, Општина Делчево денеска одбележа 123 години од убиството на македонскиот револуционер и патрон на градот, Гоце Делчев, кој на денешен ден во 1903 година бил убиен од турската војска во селото Баница.

По тој повод, пред споменикот на Делчев во центарот на градот, делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Иван Гоцевски, делегација од Советот на Општината, како и претставници на политички партии, институции и здруженија на граѓани положија цвеќе и му оддадоа почит на големиот револуционер.

Во рамки на одбележувањето, членови на КУД „Гоце Делчев“ прочитаа реферат посветен на животот и делото на Делчев, истакнувајќи го неговиот значаен придонес во македонското револуционерно движење.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола Делчеви. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Работел како учител во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО активно учествувал во создавање на револуционерна мрежа на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес во 1896 година, а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

По неговото убиство во 1903 година, неговите посмртни останки биле чувани во Баница до 1917 година, по што биле пренесени во Ксанти и подоцна во Софија. Во 1946 година, тие биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што се наоѓаат и денес. 

Како дел од програмата за чествување на годишнината, во ООУ „Ванчо Прке“ се одржа и историски час посветен на животот и делото на Гоце Делчев.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3